Властите засега не го објавија точниот број на жртви и повредени. Дел од локалните медиуми, пак, јавуваат дека поради големиот број на повредени, болниците во градот Едмонтон активирале таканаречен портокалов код, кој вклучува специјални протоколи за итни случаи со голем број пациенти
Повеќе лица загинаа и се повредени во голем пожар што вчера избувна околу 16 часот по локално време во една од најпрометните воени бази во Канадa. Причината за пожарот во базата Вејнрајт во покраината Алберта сè уште е непозната. Поради силниот ветер, пожарот се проширил надвор од базата во околното рурално подрачје.

Канадските вооружени сили соопштија дека се проценува целосниот обем на инцидентот и дека деталите за жртвите и повредените нема да бидат објавени додека истрагата не заврши. Дел од локалните медиуми кои ги цитира Би-би-си, неофицијално јавија дека најмалку седум лица загинале, а десетици други се повредени во инцидентот во кој гасовод бил погоден за време на вежба со боево огнено оружје.
Министерот за одбрана на Канада, Дејвид Мекгинти, потврди дека во инцидентот има загинати и повредени, без да го прецизира бројот на жртви ниту околностите под кои избувнал пожарот. Додаде дека вооружените сили, федералната влада, покраинските и локалните власти работат заедно за да ги утврдат околностите на несреќата.
„Не можам да се сетам на ваков инцидент во поново време“,
рече тој, додавајќи дека наскоро ќе биде покрената истрага за да се утврди причината за несреќата.
Дел од медиумите јавуваат дека поради големиот број повредени, болниците во градот Едмонтон активирале таканаречен портокалов код, кој вклучува специјални протоколи за итни случаи со голем број пациенти.
Канадскиот премиер Марк Карни рече дека на пожарот му претходел сериозен инцидент, без да даде дополнителни детали.
