Реакцијата на опозициската партија следува откако Владата утврди законски измени со кои предлага целосен престанок на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој е уредена координацијата меѓу Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Според СДСМ, укинувањето на законот е подготовка за најавуваното спојување на АНБ и АР
Владиниот предлог за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница е уназадување и поништување на реформите чија цел беше да се спречат повторни злоупотреби и политизација на службите – коментираат од СДСМ откако Владата утврди законски измени со кои предлага целосен престанок на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој е уредена координацијата меѓу Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање.

Скандалозно, според СДСМ е што Министерството за внатрешни работи оценува дека законот е системски правилно поставен и усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, а сепак се предлага негово укинување.
„Ако проблемот е во спроведувањето, зошто се укинува законот? Ако недостига оперативен капацитет, зошто не го обезбедат? Ако постои недоверба меѓу институциите, кој е одговорен да ја надмине? Не држат изговорите. Целта на Мицкоски е јасна – да воведе целосна партиска контрола над службите, како во времето на Груевски и Сашо Мијалков. Како што го контролира правосудството, полицијата и се друго во државата“,
коментираат од СДСМ.
Опозиционерите велат дека нема да молчат пред новата партизација на службите и бараат Предлог-законот, кој веќе е доставен во Собранието, да биде повлечен и да биде отворена јавна, експертска и парламентарна расправа.
„Законот за координација обезбедува заеднички проценки на заканите, размена на информации и усогласено постапување на АНБ, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање. Со Советот претседава премиерот, а механизмот ги поврзува службите и со предлозите на Советот за безбедност. Сега Мицкоски тоа го поништува за партиски и лични цели. Очигледно е дека ова е подготовка за најавуваното спојување на АНБ и АР“,
велат од СДСМ.
Како причина за укинувањето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, од МВР како предлагач на законските измени ја наведуваат ограничената примена на постојното законско решение. Притоа, не го оспорува неговиот концепт, туку посочува проблеми во практичното спроведување.
