Белгиските студентски групи изјавија дека протестираат против зголемените трошоци за образование и реформите за кои стравуваат дека ќе го направат високото образование помалку достапно. Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин рече дека она што се случува во Брисел веќе не е само обичен протест и најави дека ќе бидат искористени сите потребни средства за воспоставување ред
Неколку стотици луѓе, главно млади, денеска протестираа во Брисел поради зголемените трошоци во образованието. За време на протестите, кои се делумно поттикнати од демонстрациите во соседна Франција, дојде до немири и судири на демонстрантите и полицијата, при што беа употребени солзавец и водени топови.

Белгиските студентски групи изјавија дека протестираат против зголемените трошоци за образование и реформите за кои стравуваат дека ќе го направат високото образование помалку достапно. Ројтерс објави дека демонстрантите се собрани во центарот на Брисел, многумина од нив носат маски на лицата и извикуваат антифашистички слогани. За време на судирот, полицијата употребила солзавец и водени топови.
Протест се одржа и во источниот град Лиеж, каде што студентите претходно овој месец протестираа поради состојбата во образовниот систем, укажувајќи на зголемените трошоци во образованието.
Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин рече дека она што се случува во Брисел веќе не е само обичен протест и најави дека ќе бидат искористени сите потребни средства за воспоставување ред.
„Она што се случува во Брисел веќе не е обичен протест! Ова е јасно и недвосмислено насилство, организирано и повторувано со цел да се дестабилизира нашето општество. Федералната полиција ѝ дава поддршка на локалната полиција. Ќе бидат употребени сите неопходни средства за да се воспостави ред“,
напиша белгискиот министер за внатрешни работи на Икс.
На почетокот на месецов во Брисел се одржаа неколку протести, меѓу кои студентски, на кои млади луѓе протестираа против реформите во образованието, а подоцна и масовни синдикални протести на кои десетици илјади луѓе протестираа против планираните економски реформи на владата.
Протестите во соседна Франција почнаа минатиот месец во средните училишта во сиромашните предградија на Париз, каде што незадоволството поради недостигот од наставници и дотраените училишни објекти брзо се претвори во национално движење против нееднаквоста, недоволното јавно финансирање и падот на стандардот.
