Ексградоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, од медиумите побара точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот – почитување на неговото достоинство и презумпцијата на невиност бидејќи, како што вели, однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува довербата во институциите
Струмичката полиција поднесе кривични пријави против Костадинов и уште две други лица поради сомнение за злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа при легализација на дивоградба во селото Куклиш
Подготвен сум да одговарам за секоја своја одлука затоа што знам дека сум ја носел согласно законот и по претходно спроведени процедури и постапки – порача на Фејсбук ексградоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, откако полицијата денеска му поднесе кривична пријава поради сомнение дека овозможил незаконска легализација на дивоградба во селото Куклиш.

„Подолг период сум изложен на континуирани јавни објави во кои моето име се поврзува со неосновани сомневања и обвинувања, веројатно заради нечии дневни интереси и интриги. Нивното постојано повторување создава впечаток дека одговорноста е веќе утврдена, пред да бидат слушнати моите аргументи и оценети доказите кои ги имам во огромен број. По препорака од мојот правен тим, досега бев воздржан од почит кон постапките и институциите. Таа воздржаност е свесен избор, а не отсуство на аргументи“,
напиша Костадинов во објавата.
Тој од медиумите побара точно и одговорно известување, а од сите учесници во јавниот живот – почитување на неговото достоинство и презумпцијата на невиност бидејќи, како што вели, однапред изречената пресуда ја поткопува правдата и ја нарушува довербата во институциите.
„Не барам доверба на збор, туку простор фактите да бидат слушнати и доказите непристрасно оценети. Својата одбрана ќе ја водам таму каде што се утврдува вистината и се одлучува за одговорноста. Верувам во владеење на правото и најостро се противам на начините за избегнување на правда на кои сме сведоци, како 50 тони фатени нелегална марихуана и многу други за кои слушаме постојано“,
додава ексградоначалникот на Струмица.
Реакцијата на Костадинов доаѓа откако струмичката полиција поднесе кривична пријава против него и уште две лица поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа при легализација на бесправно изграден објект. Според МВР, Костадинов и тогашната раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Струмица во 2022 година овозможиле легализација на објект на катастарска парцела во селото Куклиш на која имало објекти во сопственост на Општината.
