Навремено се известени и Владата и Министерството за финансии, па и политичките партии кога сме разговарале. Секогаш сме ги известувале во Собранието и при дијалогот за Изборниот законик дека ова е елемент на којшто мора да внимаваат за да имаме кредибилни избори согласно законот – вели првиот човек на ДИК по истекот на петгодишниот договор со „Дермалог“

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, во изјава за магазинското издание на „360 Степени“ неделава, рече дека без разлика на повремените калкулации за предвремени парламентарни избори, мора да се има предвид и законската обврска за биометриска идентификација на гласачите.
За потсетување, „360 степени“ објави дека е истечен петгодишниот договор на ДИК со „Дермалог“, во кој германската фирма гарантираше за исправноста и одржувањето на системот за биометриска идентификација на гласачите.
360°: Што ќе правите во случај на предвремени парламентарни избори?
Маричиќ: Ние сме должни да ги организираме согласно закон. Законот налага, членот 108а што го споменувам, гласање единствено преку овој уред односно преку биометриската идентификација на гласачите и ние немаме друга опција. Така што, кога и да бидат изборите, мора да се вкалкулира доволно буџет и доволно време за да се набават оваа софтверска поддршка и функционалност на сите тие апарати.
360°: Што значи секој политички договор треба да го има предвид и процесот во ДИК?
Маричиќ: Тоа не е само политички договор, апсолутно, тоа се работи за институционална функционалност. Ние не можеме да имаме избори ако не го имаме, ако го немаме функционален тој систем бидејќи законот само така пропишува и додека е така, ние сме должни како Државна изборна комисија така да постапуваме. И токму затоа навремено се известени и Владата и Министерството за финансии и сите па и политичките партии кога сме разговарале. Секогаш сме ги известувале во Собранието, и при дијалогот за Изборниот законик, дека ова е елемент на којшто мора да внимаваат за да имаме кредибилни избори согласно законот.
Од Државната изборна комисија велат дека тим од независни ИТ-експерти прави анализа и на хардверот и на софтверите, а ќе се формира и работна група за истражување на пазарот. Врз основа на проценките на стручњаците, ќе се пресече во која насока ќе оди следната јавна набавка – дали само на софтвер или на целокупна обнова и на апаратите.
„Ние сме должни да обезбедиме функционален систем по законски прописи. Се разбира и тоа ќе го ќе го направиме. 4 000 апарати се во наша сопственост, односно ги имаме, ги поседуваме, чувани се со полиција, чувани се под високи стандарди и секако се грижиме за нивното за нивно чување и за нивната функционалност“,
истакна Маричиќ.
Инаку, терминалите првпат беа употребени за локалните избори во 2021 г., а тоа земјава ја чинеше 11,2 милиони евра. Гласањето со примена на уредите за биометриска идентификација е обврска од Изборниот законик.
