Ако во првите месеци од воведувањето на системот имало по десетици, сега има само по неколку пријави месечно, вели директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски
Намалениот број на случаи, толкуваат од надлежната СОЗР, се должи на намалениот број злоупотреби со службени возила
Со години јавноста се сомневаше на злоупотреби на државни автомобили паркирани пред угостителски објекти, градинки, училишта. Актуелната Влада одлучи да го решава проблемот со црвени регистарски таблички на службените возила.
„Заклучно со вчерашниот ден, црвено-жолто таблички имаат добиено околу 1 000 возила… Во неколку изјави сум изјавил дека не очекувам повеќе од 2 до 2 500 возила да ѝ бидат потребни на државата“,
порача директорот на СОЗР, Ивица Томовски (септември 2025г).
Логиката велеше оти сите што ги злоупотребуваат државните коли ќе бидат таргет на граѓаните, на кои им се отвори посебен канал за пријавување сомнителни случаи.
На зборови, звучеше добро. Но, дали и колку профункционира во практика?
Една задача што си ја зададовме летово е да отвораме очи за автомобили со црвени таблички.
На ден Илинден, кој годинава се падна во недела, забележавме непрописно паркирано службено возило кај Транспортниот центар во Скопје. Возачот чекаше патник од некој од автобусите кои дента пристигнуваа во главниот град.

Две недели подоцна, лоциравме возило Дачиа Дастер со црвени регистарски таблички. Го забележавме на паркинг за резиденти во Општина Кисела Вода.
Двата случаи ги документиравме со фотографии или видео-записи, како што бараат кога се пријавува во владината Служба за општи и заеднички работи. Пријавивме еден месец подоцна.
Зa првиот случај, веднаш по пријавата ни побараа дополнителни материјали бидејќи службите не можеле јасно да го распознаат возилото од снимките.
„Во врска со вашето известување/барање заведено под горенаведениот број, ве известуваме дека по извршениот увид во приложениот видео-материјал (снимка), регистарските таблички на предметното возило не можат јасно да се распознаат поради низок квалитет, оддалеченост или агол на снимање“,
посочија од СОЗР.
На ваквото барање, дополнително испративме стоп-кадар на кој се гледа табличката, марката и моделот на автомобилот – СК 1880 ЦА, Шкода Октавија. Чекаме епилог.
За вториот случај, со возилото пред станбена зграда во Кисела Вода, од СОЗР ни препратија одговор од директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски.

Во него се вели дека нема злоупотреба, односно дека возилото се користело за заштитни археолошки ископување на парцелата на Саат-кулата во Тетово.
„Со оглед на високите температури во тој период, ископувањата започнуваа во 7:00 часот наутро. Престој за стручната екипа не беше обезбеден во Тетово, па мораа секојдневно да патуваат на релација Скопје – Тетово – Скопје. Заради рационално искористување на времето, на еден член од екипата дозволив во тој период, додека траеја ископувањата, возилото да биде на располагање постојано“,
одговори Александар Јорданоски, директор на Национален конзерваторски центар.
Пријавите ги обработува Службата за општи и заеднички работи. Директорот Ивица Томовски вели дека од официјалниот почеток на овој систем минатата година, имало по дваесет пријави за можни злоупотреби на месечно ниво, но во последните месеци пристигнуваат едвај три до пет јавувања или пораки во месец.
Трендот, тој го толкува како големо намалување на бројот на злоупотреби на службените возила.
„Дали има сè уште одредени потенцијални или можни злоупотреби? Јас сум сигурен дека има, може да се најде по некое возило за викенд, може да се најде по некое возило некаде по дома паркирано, но очекувам со текот на времето дека и тоа ќе биде искоренето затоа што сепак сега се видливи тие возила, подлежат на јавна критика, се праќаат до нас, ние ги споделуваме со граѓаните, граѓаните ги споделуваме и со вас медиумите“,
вели директорот на СОЗР, Ивица Томовски.

Во моментот кога го водевме разговорот, Томовски кажа дека им пристигнале 66 пријави по кои службите постапувале. Значителен дел, сепак, не можат да добијат завршница.
„Немаме слика, немаме регистарска таблица и не може ние да утврдиме чија сопственост е тоа возило и дали и каков прекршок направиле. 39 предмети се целосно завршени и се пратени до луѓето. Некои од нив можам да издвојам, на пример едно такво возило е, ако се сеќавате, од Тетово со тетовски таблици, приватно возило коешто ги обоило во црвени таблици (не знам од кои причини). Тоа беше пријава од граѓаните до нас, ние споделивме со МВР и така утврдивме дека во суштина се работи за прекршок или кривично дело“,
додаде Томовски.
„360 степени“ побара податоци од Службата за општи и заеднички работи – за кои институции има пријави и во колку од пријавените и обработени случаи е утврдена злоупотреба. Добивме преглед за 25 од вкупно 66 пријави. Сликата е следна:
Најмногу пријави имало за ЈУ Национален парк „Галичица“, вкупно 7. Сите се покажале како неосновани. По две пријави има за возила кои ги користат РЕК Битола, Државен пазарен инспекторат, ПИОМ и Министерство за култура. За возилата на РЕК е утврдено дека се користеле оправдано, биле на итен ремонт, а останатите се во некоја фаза на постапување. Понатаму, на списокот има повеќе институции со по една пријава. Од нив, до овој момент, злоупотреба е утврдена само за возило на Агенцијата за иселеништво.

Иако не беше во списокот што ни го доставија, Томовски сподели дека имале и случај кој го затекнале во институцијата која ја води.
„Да, имавме и ние некој случај во службата каде што ми чинам дека беше погрешно паркирање или бил упатен на некое приватно извршување на некоја приватна работа. Имаме поведено опомена пред дисциплинска постапка. Видете, се одлучивме на опомена за да не бидеме сега толку ригорозни од на дисциплински казни — доколку го повтори делото, секако дека ќе следи и дисциплинска постапка и парична казна, сè во рамките на законот и подзаконските акти. Меѓутоа можам да потврдам дека нема некои повторувања (зборам конкретно за службата), нема некое повторување или пречекорување на оние работни обврски коишто им следат“,
додава Томовски.
Несомнено, службените возила кои ги користи државата добија препознатливи таблички. Лично се уверивме дека функционира и пријавувањето, но и дека не оди толку брзо решавањето на случаите.

После една година од постоењето на системот клучно е прашањето, дали граѓаните веруваат во алатката и дали пријавуваат?
„Не знам колку има злоупотреба, но кога ќе видам служено возило, дали службено оди дали приватно, не знам, ако видам како се злоупотребува, сигурно ќе пријавам“,
ни изјави еден граѓанин.
„И што ако го пријавам, кога мува не ги лази никого“,
изјави друг граѓанин.
„Не го знам, ама кој ќе се замара да пријави такви работи, кога државата не води грижа за што е службено а што е приватно возило, па ние граѓаните останало да пријавуваме на телефон“,
кажа трет граѓанин.
