Лидерот на СДСМ порача дека жителите на Брвеница на изборите за градоначалник в недела ќе избираат меѓу продолжување на досегашното неуспешно владеење на ВМРО-ДПМНЕ и можноста граѓаните да ја вратат општината во свои раце
„Знам сè што правиш, Христијане. Знам дека сакаш да се уништи СДСМ. Затоа што се плашиш. Затоа што ние не сме ти под контрола. Затоа што сме единствената, силна, кредибилна опозиција во земјава. И се плашиш затоа што ќе одговараш и пред нас, и пред народот, и пред европското обвинителство“, рече Филипче на митингот
Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вечерва на завршниот митинг во Општина Брвеница ги повика граѓаните в недела да излезат на гласање и да го поддржат кандидатот на партијата за градоначалник Јовица Радески, кој според него нуди конкретни проекти и решенија за граѓаните на општината.

Во своето обраќање, Филипче порача дека Брвеница заслужува промени, по неуспешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кое, како што додаде, ги изневерило очекувањата на граѓаните.
Тој истакна дека граѓаните најдобро знаат кому треба да му ја дадат довербата, посочувајќи дека Јовица Радески е човек кој ги познава проблемите на жителите и има програма со конкретни решенија за нив.
„Се гласа за конкретни решенија и проекти. Обновена и проширена водоводна мрежа, пречистителна станица за отпадните води, обнова на системот за наводнување на обработливото земјиште, реконструирани улици и локални патишта, проширени мостови, агроиндустриска зона за преработка. За подобри услови во училиштата, расчистени диви депонии, уредено управување со отпадот и простори за одмор и рекреација“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ порача дека жителите на Брвеница в недела ќе избираат меѓу продолжување на досегашното неуспешно владеење на ВМРО и можноста граѓаните да ја вратат општината во свои раце.
„Се гласа за промени во Брвеница, за да ја вратиме општината во рацете на жителите. Локалната власт досега беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и тие ги изневерија граѓаните. Еден градоначалник помалку за ВМРО, една општина повеќе за граѓаните“,
кажа лидерот на СДСМ во обраќањето.
Тој упати низа критики до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека преку црни кампањи, напади и обиди за замолчување на опозицијата сака да го спречи СДСМ во разобличувањето на неговите политики. Филипче порача дека нема да се откаже од борбата и дека ќе дојде времето кога ќе има одговорност за криминалот и корупцијата на власта.
„Пред некој ден, Мицкоски дојде и овде, во Милетино, и на митингот кажа – СДСМ треба да се уништи. И еве да му одговарам од овде. Знам сè што правиш, Христијане. Знам дека сакаш да се уништи СДСМ. Затоа што се плашиш. Затоа што ние не сме ти под контрола. Затоа што сме единствената, силна, кредибилна опозиција во земјава. И се плашиш затоа што ќе одговараш и пред нас, и пред народот, и пред европското обвинителство“,
рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз.
Говорејќи во истиот контекст, Филипче повтори дека Мицкоски наместо да се соочи со критиките и да одговори за своите постапки, се обидува да ја дискредитира опозицијата преку навреди, закани и медиумски напади.
„Затоа ровариш. Затоа е црната кампања, затоа ме правите убиец на деца на вашите медиуми. Затоа се навредите, заканите, омразата – ‘талог’, ‘мочуриште’, ‘медиокритети’. Затоа ги правиш новите сателити. ЗНАМ, веќе се распадна и не постои. Тоа го искористи. Ти требаше нова платформа. Втор дел на ЗНАМ. Ти требаат сателити. Како Левица против НАТО, против Европа, против албанскиот јазик“,
кажа Филипче.
Порача дека СДСМ е како пиреј кој не може да се уништи и додаде дека партијата што ја предводи останува посветена на граѓаните и на европската иднина на државата.

„Христијане, нека не те лажи умот. Ние сме како пиреј. Никој нас не може да не уништи. Затоа СДСМ е со народот, СДСМ е со граѓаните, работниците, земјоделците, пензионерите, младите што сакаат да останат во ова земја. СДСМ е Европа, напредок, развој, патриотизам, државнички политики. СДСМ е искреност и вистинска љубов кон татковината и кон сите наши граѓани. СДСМ е соживот, почитување на различностите. СДСМ е поддршка за ранливите. СДСМ е партија што постои за народот и за Македонија“,
рече лидерот на СДСМ.
