Министерката посочи дека Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје од минатата година функционира како ресурсен центар, во кој учениците со посебни образовни потреби добиваат стручна поддршка
Воведени се, како што рече, две нови категории студентски стипендии за студенти со попреченост и ретки болести
Во основното и во средното образование оваа учебна година се ангажирани вкупно 1 778 образовни асистенти, што е повеќе од двојно во споредба со 2024 година, кога нивниот број изнесувал околу 800. Ова го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, настан во организација на интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и „Зета“ – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепите.

Од вкупниот број, 1 602 асистенти се ангажирани во основното, а 176 во средното образование. Јаневска најави дека е во тек постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица за образовна асистенција.
Според неа, Владата работи на унапредување на инклузивноста на образовниот систем, преку зајакнување на стручните служби во училиштата, подобрување на пристапноста на училишните објекти и обезбедување дополнителна поддршка за учениците и студентите со попреченост.
Министерката информира и дека се воведени две нови категории студентски стипендии за студенти со попреченост и ретки болести.
Говорејќи за образованието на децата и младите со оштетен вид, таа посочи дека државното училиште „Димитар Влахов“ во Скопје од минатата година функционира како ресурсен центар, во кој учениците со посебни образовни потреби добиваат стручна поддршка.
Посочи дека оваа учебна година во училиштето се запишани повеќе ученици отколку лани, што, како што оцени, укажува на зголемена доверба кај родителите. Таа најави и реконструкција на училиштето по завршувањето на активностите поврзани со студентските домови.
Министерката нагласи дека континуираното опремување со современа дигитална технологија е особено важно за учениците со оштетен вид, бидејќи им овозможува полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес.
Во соработка со Државниот архив на Македонија е подготвена книга за учениците со оштетен вид, која обработува основни теми поврзани со државата и значајни настани од светската историја. Книгата им овозможува на овие ученици пристап до содржини што досега не можеле да ги читаат во соодветен формат.
