„Мислам дека тогаш работите ќе излезеа на виделина какви што се“, вели министерот за здравство

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека бегството на Ива Михаилова во Бугарија се случило пред доаѓањето на бугарскиот лекарски конзилиум во Македонија. Според него, проверките од странските и домашните лекари брзо ќе покажеле дека не постојат медицински причини за нејзиното лекување во странство.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш работите ќе излезеа на виделина какви што се. Јас патувам во Софија и ќе разговарам со нивното Министерство, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“,
истакна Клековски при денешната посета на Клиничката болница Штип.
Ива Михаилова од понеделникот е во Бугарија, а во изјава за бугарскиот медиум БТВ таа рече дека одлуката да замине е поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа.
Против Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот, таа тврдеше дека е жртва на дискриминација поради тоа што има двојно македонско и бугарско државјанство и дека не ѝ се дозволува заминување на лекување во Бугарија.
Основниот суд во Кочани вчера ѝ одреди 30-дневен притвор на Михаилова, одлука која е донесена по предлог на кочанското основно јавно обвинителство.
За Михаилова во моментов е распишана меѓународна потерница. Меѓународната потерница е активна и за нејзиниот татко, Симеон Михаилов, кој претходно исто така има побегнато во Бугарија по изречената затворска казна од 12,5 години за случајот „Детонатор“.
Минатата недела, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за време на посетата на Софија и средбата со неговата колешка Велислава Петрова-Чамова, соопшти дека македонските власти се подготвени да овозможат доаѓање на медицински специјалисти од Бугарија кои непосредно би ја прегледале Михаилова. Муцунски тогаш подвлече дека случајот мора строго да се разграничи на правосуден дел во кој извршната власт нема право да се меша и здравствен дел, за кој државата покажала максимална кооперативност.
Тој рече дека откако прашањето било отворено од бугарската страна, македонските власти во знак на добра волја понудиле бугарски лекари да ја посетат земјата и да се уверат дека ѝ се обезбедува соодветен здравствен третман.
Бугарската министерка ја поздрави подготвеноста на македонската страна да овозможи преглед од бугарски медицински лица, но нагласи дека е важно тоа да доведе до што поскоро лекување.
Според неа, станува збор за хуманитарен случај и се надева дека ќе биде постигнат најдобриот резултат, а тоа е таа да биде излекувана што е можно поскоро. Во дообјаснување за случајот посочи дека немало поставени услови за прегледот и дека барањето било упатено од повеќе претставници на бугарската страна.
