„Целниот руски балистички ракетен напад беше токму врз енергетскиот сектор, за кој американскиот претседател прогласи прекин на огнот. Нападот беше апсолутно намерен и индикативен по својот обем – никогаш немало такво демонстративно непочитување од Русија кон Америка“, вели украинскиот претседател

Во руски напад со балистичка ракета погоден е клучен енергетски објект што го снабдува Киев со греење и електрична енергија, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, во нападите има загинати и повредени лица.
Тој вели дека нападот се случил во текот на ноќта кога Русите употребиле 39 балистички ракети и повеќе од 120 ударни беспилотни летала и муниција. Нападите, додава Зеленски, биле насочени кон енергетскиот сектор и критичната инфраструктура во Киев, Киевската област и Харков.
„Целниот руски балистички ракетен напад беше токму врз енергетскиот сектор, за кој американскиот претседател прогласи прекин на огнот. Нападот беше апсолутно намерен и индикативен по својот обем – никогаш немало такво демонстративно непочитување од Русија кон Америка“,
пишува Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Според него, најмалку 600 илјади луѓе се без електрична енергија, а може да има и поголеми прекини.
„Има значителни штети на објектите и опремата во 26 елементи од нашиот електроенергетски комплекс и во четири објекти од нафтениот и гасниот комплекс“,
додава тој.
Зеленски вели дека во нападот што се случил „без претходно предупредување од нашите партнери“, погодена е и станбена зграда.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека две лица загинале, а 21 биле повредени во ракетниот напад врз станбената зграда. Кличко додава дека 16 од повредените се хоспитализирани, од кои четворица се во сериозна состојба.
Тој наведе дека биле погодени неколку енергетски објекти во Киев, но без да даде повеќе детали.
По нападите во текот на ноќта, Кличко објави дека утринава следеле нови, кога во градот се слушнале повеќе од десетина експлозии.
По новите напади, Кличко објави дека уште едно лице е хоспитализирано и оти едно е загинато.
Државната служба за вонредни состојби соопшти дека во Киев се оштетени и нестанбена зграда, семеен дом и напуштена зграда. Сирени за воздушен напад се огласиле и во делови од регионите Лвов, Волин и Ивано-Франкивск на западот од земјата.
Нападите врз енергетската инфраструктура дојдоа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да престане да ги таргетира руските нафтени постројки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори дека е подготвен за такво енергетско примирје ако Русија престане да ја напаѓа украинската енергетска мрежа.
