Барањето на американскиот претседател следува по серијата медиумски извештаи за несоодветно однесување на Кимберли Гилфојл за време на дипломатскиот престој во Атина, вклучително и закани кон грчки функционер, примање несоодветни подароци и нудење пристап до членови на администрацијата на Трамп во замена за финансиски услуги
Американскиот претседател Доналд Трамп побара оставка од амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, по извештаите за скандали и несоодветно однесување за време на нејзиниот дипломатски престој во Атина.

Според „Волстрит Џурнал“, таа наводно му се заканувала на грчки функционер, примала несоодветни подароци и нудела пристап до членови на администрацијата на Трамп во замена за финансиски услуги. Конкретно, од политички донатор побарала 100 000 долари за да ја подмири сметката за кредитна картичка, а за возврат му понудила пристап до високи функционери на администрацијата на Трамп и помош во решавањето на неговите проблеми.
Покрај обвинувањата поврзани со политичко влијание, во медиумите се појавија и наводи за нејзиниот луксузен животен стил, луксузни патувања со приватни авиони и раскошни забави со грчки милијардери и поп-ѕвезди, како и поплаките од персоналот на Амбасадата на САД во Атина во врска со нејзиното однесување.
Трамп изјави дека таа добро си ја завршила работата, но дека веќе нема да биде во Грција.
„Не ми се допадна она што го прочитав“,
рече тој.
Во објава на Икс, Кимберли Гилфојл, изрази благодарност до американскиот претседател и рече дека ѝ било чест да служи како амбасадорка на САД во Грција. Oбвинувањата против неа ги отфрли како лажни и рече дека ќе застане во одбрана на својето име, интегритет и репутација.
„Својот професионален живот го посветив на борбата за правда, застапувањето на она што е исправно и одбраната на вредностите на Америка. Нема да дозволам лажните обвинувања да го дефинираат мојот повеќедецениски јавен ангажман. Иако мојот мандат како амбасадор можеби се ближи кон крајот, мојата посветеност кон претседателот Трамп, движењето ‘Америка на прво место’ и земјата што ја сакам никогаш нема да престане. Мојата благодарност и почит кон претседателот Трамп и секретарот Рубио остануваат непоколебливи“,
напиша амбасадорката во објавата на Икс.
Педесет и седумгодишната Гилфојл беше долгогодишен политички сојузник на Трамп и со години беше во врска со Трамп Помладиот. Тие се верија во 2018 година, а раскинаа кон крајот на 2024 година. Првпат беше номинирана за амбасадор во Атина во декември 2024 година, еден месец пред Трамп да се врати во Белата куќа како претседател.
