Демонстрантите се обиделе насилно да влезат во кругот на институциите, при што биле оштетени фасадата и портите на владината зграда
Албанскиот премиер Еди Рама ги оцени секојдневните опозициски собири како „хистерија“ и порача дека притисокот нема да ја натера владата да се откаже од реформите
Студентските протести во албанскиот главен град Тирана ескалираа во судири со полицијата откако демонстрантите фрлаа камења, јајца и бетонски блокови кон владините институции, меѓу кои и Министерството за образование, пренесува Ројтерс.

Како што објавија „Балкан инсајт“, полицијата одговори со солзавец и водени топови, а во инцидентите се повредени шест полицајци и приведени се 23 демонстранти.
Според извештаите, демонстрантите се обиделе насилно да влезат во кругот на институциите, при што биле оштетени фасадата и портите на владината зграда.
Здружението на новинари на Албанија соопшти дека бил повреден и еден медиумски работник, а безбедносните сили попречиле работа на филмска екипа.
Протестите се организирани поради незадоволството од условите на универзитетите, високите трошоци за студирање, недоволната финансиска поддршка за студентите и ограничените можности за вработување по дипломирањето.
Демонстрантите, исто така, изразија незадоволство од социјалната нееднаквост, корупцијата и владата на премиерот Еди Рама, барајќи негова оставка и промени во политичкиот систем.
„На Албанија ѝ треба револуција, промена, целосно уривање на системот, бидејќи вака повеќе не може“,
изјави демонстрантката Љуљета Кола, посочувајќи на длабоката социјална неправда и јазот меѓу богатите и сиромашните.
Протестите се дел од пошироката антивладина кампања наречена „Револуција на фламингата“, која трае од мај годинава. Меѓу причините за незадоволството се и владините планови за изградба на луксузни туристички комплекси во природни резервати, вклучително и проект поврзан со инвестициската компанија на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
🚨🚨🚨 Clashes in Albania have hit a critical tipping point. Police have deployed massive violence against students in Tirana. Protesters declare they will no longer tolerate PM Rama’s silence and mockery, which has dragged on for over 4 months while ignoring their demands. 🦩 https://t.co/fRuA6rOnXi
— Tirana Report (@Tirana_Report) October 13, 2026
Рама изјави дека неговата влада нема да се откаже од плановите за реализација на двата големи проекта за изградба на луксузни одморалишта, а секојдневните опозициски собири ги оцени како „хистерија“ и порача дека притисокот нема да ја натера владата да се откаже од реформите.
Вицепремиерката Албана Кочиу ги осуди насилните инциденти, оценувајќи дека уништувањето јавен имот и нападите врз институциите и полицијата не се прифатлив начин за изразување на незадоволството.
„Насилството не било, не е и никогаш нема да биде решение. Фрлањето камења, нападите врз институциите и државната полиција, како и бесмисленото уништување на јавниот имот, не се начини на кои младите треба да се изразуваат“,
напиша Кочиу на Фејсбук.
Протестите во Албанија се одвиваат во период на засилен студентски активизам и во други европски земји.
Во Франција, средношколци со недели организираат протести и блокади на училиштата, барајќи повеќе наставници и подобри услови за образование.
