Поради овој инцидент, британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд го повикал иранскиот амбасадор во Лондон и објави нови санкции и замрзнување имот за двајца ирански државјани
Претходно денес, британскиот премиер Енди Бернам рече дека наводниот терористички заговор во „Ферфорд“ речиси сигурно бил насочен од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран

Иран ги отфрли британските обвинувања за вмешаност во безбедносниот инцидент што се случи во американската воздухопловна база во Велика Британија минатиот месец. Техеран тврди дека понудил соработка во истрагата, но британскиот премиер Енди Бернам опстојува на обвинувањата и најавува санкции.
Бернам денеска изјави дека е многу веројатно наводниот план за напад со дрон врз воздухопловната база на Кралските воздухопловни сили „Ферфорд“ да бил координиран од Иран и дека речиси сигурно бил раководен од иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Поради овој инцидент, британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд го повикал иранскиот амбасадор во Лондон и објави нови санкции и замрзнување имот за двајца ирански државјани.
Амбасадорот на Иран во Лондон, Сејед Али Мусави, на состанок со британскиот државен министер во Министерството за надворешни работи, Стивен Доути, ја негирал улогата на Техеран во инцидентот во базата на Кралските воздухопловни сили „Ферфорд“.
Според извештајот на државната агенција ИРНА, Мусави ја повикал британската страна да не изразува ставови без докази. Тој, исто така, ја нагласил подготвеноста на Иран да соработува со надлежните институции на двете земји во истрагата за инцидентот и истакна дека Техеран претходно ја изразил оваа подготвеност.
Претходно денес, британскиот премиер Енди Бернам рече дека наводниот терористички заговор во „Ферфорд“ речиси сигурно бил насочен од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран и ги најави санкциите против двајца ирански државјани.
Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот, забрана за патување и забрана за вршење функции, им се изречени на Рухола Базганди, раководител на контраразузнавањето во ИРГЦ, и на Шахрам Али Реза Тамарзаде Џаки, поврзан со криминалната мрежа „Зиндаши“.
„Објавуваме и санкции за двајца ирански државјани поради нивната улога во овозможувањето или извршувањето непријателски активности во име на иранскиот режим, со јасна намера да упатуваат закани, да планираат или да изведуваат напади во странство“,
вели британскиот министер Милибанд.
Петмината мажи, сите британски државјани од Лондон на возраст од околу дваесетина години, беа приведени откако полицијата на 27 септември добила дојава од локален земјоделец за три бели комбиња кои се движеле кон „Ферфорд“ – британска база во која се стационирани американски бомбардери што извршуваат мисии против Иран.
Првично уапсените петмина мажи под сомнение за терористички дела во близина на базата беа пуштени на слобода со кауција. Подоцна беше уапсен и шести маж, државјанин на Обединетото Кралство и Иран, кој исто така беше пуштен на слобода со кауција.
Неколку дена по инцидентот, а пред апсењето на шестиот маж, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави за „Фокс њуз“ дека во случајот „јасно е вмешана странска страна“.
Една недела по апсењето на лицата, САД ги повлекоа своите бомбардери „Б-1“ од британската воздухопловна база „Ферфорд“ и тие беа вратени во нивните матични бази.
