По повод празникот 11 Октомври – Ден на народното востание, денеска во Кристалната сала на Собранието, беше врачена истоимената државна награда. Наградата се доделува како признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес

Писателот Венко Андоновски е добитник на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста, додека наградата за животно дело во областа на науката и образованието ја примија лингвистот Димитар Пандев, универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи и докторот по историски, политички и правни науки Владо Поповски.
Претседателот на Одборот за државната награда „11 Октомври“, проф. д-р Светозар Антовиќ потенцира дека животните патишта, научните и творечките интереси на денешните добитници на наградата се различни, но, како што рече, постои една вредност која ги поврзува – тоа е вербата дека знаењето, културата и образованието можат да го напредуваат општеството напред.
„Почитувани добитници, со вашите дела вие докажувате дека македонскиот бит е жив, жилав и создава врвни цивилизациски вредности. Вие покажавте дека вистинскиот успех не се мери само со личните достигнувања, туку и со она што човекот го остава зад себе – со учениците што ги инспирирал, студентите што ги оградил, книгите што ги напишал и идеите што ги поттикнал, со современите вредности што ги градил во заедницата. Генерацијата во 1944 година ја исполни својата историска должност. Нашата должност, пак, е поинаква, но не помалку значајна. Ние сме должни да градиме држава во која младите ќе ја гледаат иднината, во која уметниците ќе можат слободно да создаваат и во која знаењето и чесната работа ќе бидат вистински општествени вредности. Држава во која различностите ќе нè збогатуваат, а нема да не разделуваат “,
рече Антовиќ.
Писателот и универзитетскиот професор Андоновски заблагодарувајќи се во име на сите добитници, истакна дека револуцијата, недостатокот и врвот се „три свети зборови“ што го објаснуваат човековиот стремеж кон успехот.
Осврнувајќи се на значењето на достигнувањата, тој нагласи дека „патот до врвот ја чини смислата, а не качувањето на врвот“, додавајќи дека и по највисоките признанија остануваат нови предизвици.
„Тој врв ни отвори многу наши внатрешни врвови кои допрва треба да ги освојуваме“,
порача Андоновски.
На свеченото доделување присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Наградата „11 Октомври“ се доделува како признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес. Државната награда првпат е доделена во 1995 година.
