„Според информациите со кои располагаме, полициските службеници, за кои постојат сомневања дека биле инволвирани во случајот, припаѓаат на три различни етнички заедници. Токму затоа сметаме дека одговорноста мора да се утврдува исклучиво врз основа на факти, докази и конкретни постапки, а не според етничката припадност на поединците“, се вели во партиското соопштение

Владејачката партија Влен соопшти дека изразува длабока загриженост во врска со случајот на двајцата млади жители на Сарај, кои пријавиле дека биле изложени на полициско малтретирање.
Како владејачка партија од албанскиот политички блок, велат дека од самиот почеток активно се интересираат за случајот и внимателно ги следат сите случувања поврзани со настанот и порачуваат дека истрагата мора да се спроведе до крај.
„Доколку истрагата утврди дека полициските службеници постапувале надвор од своите законски овластувања, тие мора да одговараат согласно законските прописи. Го поздравуваме фактот што надлежните механизми за внатрешна контрола веќе постапуваат по случајот. Очекуваме темелна, непристрасна и транспарентна истрага, која ќе ги расветли сите околности и ќе даде јасни одговори за постапувањето на инволвираните службени лица. Истовремено, го повикуваме Јавното обвинителство, врз основа на утврдените факти и прибраните докази, да ги преземе сите неопходни мерки во рамките на своите надлежности“,
велат од Влен.
Оттаму обвинуваат дека опозицијата го користи случајот со цел да предизвика меѓуетнички тензии.
„Според информациите со кои располагаме, полициските службеници, за кои постојат сомневања дека биле инволвирани во случајот, припаѓаат на три различни етнички заедници. Токму затоа сметаме дека одговорноста мора да се утврдува исклучиво врз основа на факти, докази и конкретни постапки, а не според етничката припадност на поединците“,
се вели во партиското соопштение.
Вчера ДУИ објави видео на кое тврди дека е прикажано бруталното полициско насилство врз две млади лица, извршено при интервенција што се случила во средата. Оддалеку е снимено како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа, низ маглата може да се забележат и полициски ротациски светла.
Од ДУИ претходно вчера објавија и фотографии од момчињата, за кои тврдат дека биле брутално нападнати и малтретирани од страна на полициските службеници.
По ваквите наводи, МВР објави дека внатрешната контрола започнала да го истражува случајот.
