На видеото што го објави опозициската партија оддалеку е снимено како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа, низ маглата може да се забележат и полициски ротациски светла
Демократска унија за интеграција (ДУИ) вечерва на Фејсбук објави видеоснимка на која тврди дека е прикажано бруталното полициско насилство врз две млади лица, извршено при интервенција што се случила во средата, а за кое внатрешната контрола при МВР веќе започна истрага.

Видеоснимката што ја објави опозициската партија е направена навечер. Оддалеку е снимено како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа, низ маглата може да се забележат и полициски ротациони светла.
„Застрашувачко видео од тепањето двајца млади мажи од страна на полицијата! Одговорност!!!“,
пишува во описот на видеото што го објави ДУИ.
Од ДУИ претходно денеска објавија и фотографии од момчињата, за кои тврдат дека биле брутално нападнати и малтретирани од страна на полициските службеници. Партијата побара итна, непристрасна и транспарентна истрага и одговорност за секое незаконско постапување на полицајците. Дополнително, побараа оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и целосна институционална одговорност за случајот.
По ваквите наводи, МВР објави дека внатрешната контрола започнала да го истражува случајот.
