Согласно владината одлука, мерката се продолжува за дополнителни осум дена, со оглед на тоа што последното продолжување беше предвидено да трае до 12 октомври
До 20 октомври се продолжува мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто – соопшти денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Согласно владината одлука, мерката се продолжува за дополнителни осум дена, со оглед на тоа што последното продолжување беше предвидено до 12 октомври.

„Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството. Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите на меѓународните пазари и навремено да реагираме со мерки што придонесуваат за заштита на животниот стандард и економската стабилност“,
напиша министерката за финансии на Фејсбук.
Инаку, новиот предлог-ребаланс на Буџетот, што Владата го усвои на 7 октомври, како што соопштија владините претставници, е резултат на фискалното влијание од преземените мерки за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ кај горивата.
