Со Романија, како што рече, постигнато е решение со кое на македонските возачи ќе им се издаваат дозволи наместо визи, а најави дека со Бугарија и со Грција во тек се разговори за возачите кои остваруваат влез и излез во истиот ден да не подлежат на регистрација

Министерството за транспорт и Владата преземаат сите можни чекори за склучување билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната, со цел олеснување на движењето и работењето на македонските професионални возачи низ европските транспортни коридори, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во поткастот „Каде се парите“.
За надминување на овој проблем, Николоски рече дека пристапуваат кон поединечни билатерални преговори со секоја држава посебно.
Со Хрватска рече дека веќе е склучен билатерален договор, а таков договор потврдила и Швајцарија.
Со Романија, како што рече, постигнато е решение со кое на македонските возачи ќе им се издаваат дозволи наместо визи, а најави дека со Бугарија и со Грција во тек се разговори за возачите кои остваруваат влез и излез во истиот ден да не подлежат на регистрација.
Николоски истакна дека проблемот со влезот и престојот на македонските транспортери во Шенген-зоната не е резултат на некаков план за уништување на балканските превозници, туку е последица на бавен и бирократизиран систем на носење одлуки во Европската Унија.
„Како Министерство и како Влада правиме сè за да склучиме билатерални договори со земјите членки на шенген-зоната, а нема едно целосно решение. Мислам дека се работи за обична бирократска процедура и бирократизиран систем на носење одлуки, којшто е пребавен и на којшто му е тешко да се смени. Ова е бирократски проблем којшто е штетен како за земјите надвор, така и во Шенген-зоната“,
истакна Николоски.
Тој потенцира дека оваа состојба директно ги погодува и странските директни инвестиции во Македонија, од кои над 87 отсто доаѓаат токму од земјите членки на ЕУ, кои исто така се соочуваат со тешкотии да пронајдат алтернативни начини за превоз на стоката.
Николоски најави дека процесот на преговори продолжува во финална фаза и со други европски држави, со цел да се олесни движењето и работењето на македонските професионални возачи низ европските транспортни коридори.
Инаку, минатиот месец Николоски во рамките на Македонско-австрискиот бизнис-форум, кој беше во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при австриската амбасада во Скопје, најави дека за брзо време може да се очекува билатерален договор и со Австрија велејќи оти комуникацијата е интензивна.
Професионалните возачи и транспортери од земјава, организирани од транспортната асоцијација „Макам-транс“, на 31 август одржаа протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, каде што беа паркирани и околу дваесетина камиони.
Како најголем проблем го посочија начинот на кој им се пресметува престојот во странство, односно тоа што деновите им се бројат како да престојуваат во земјите како туристи.
