„Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“, нагласи Димитриеска-Кочоска додавајќи дека мерките веќе дали резултат со стабилизирање на инфлацијата

Ребалансот на Буџетот е навремена реакција за усогласување на буџетските проекции со новите економски услови, но и потврда за одговорно управување со јавните финансии, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција.
Министерката објасни дека продлабочувањето на геополитичката криза и растот на цените на енергентите на меѓународните пазари го наложиле ова усогласување. Владата реагирала со конкретни антикризни мерки, меѓу кои се намалувањето на акцизите за горивата и намалувањето на ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
„Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“,
нагласи Димитриеска-Кочоска додавајќи дека мерките веќе дали резултат со стабилизирање на инфлацијата.
Претставувајќи ги измените рече дека вкупните приходи се на 374,2 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милијарди денари во однос на претходните проекции. Главната причина е намалувањето на приходите од акцизи, од 34,1 на 30,4 милијарди денари, поради намалените давачки за горивата.
Таа додаде дека кај даночните приходи со ребалансот е направена умерена корекција од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување од 1,6 отсто.
Со ребалансот кај неданочните приходи и донации, Димитриеска-Кочоска рече дека се предвидува намалување за приближно 2 милијарди денари, а кај другите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ и царинските приходи – очекувањата остануваат стабилни и во рамките на планираните износи.
Вкупните расходи таа рече дека се скратени за 5,3 милијарди денари и сега изнесуваат 420,5 милијарди денари. Заштедите се направени кај стоките, услугите и субвенциите преку повисока фискална дисциплина.
„Ги намалуваме расходите онаму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме средства за социјално ранливите категории и за здравствените услуги“,
рече министерката за финансии.
Рече и дека е направена корекција од 5,7 милијарди денари поради променета динамика на реализација на одредени капитални проекти. Сепак, инвестициите во патната и железничката инфраструктура, одбраната, образованието, заштитата на животната средина и финансиската поддршка за општините продолжуваат.
И покрај корекциите во буџетските ставки, според министерката, проекцијата за економскиот раст за 2026 година останува непроменета на 3,5 отсто, а буџетскиот дефицит се задржува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП.
Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година вчера беше усвоен на владина седница, а сега треба да биде доставен до Собранието на понатамошно разгледување и усвојување.
