Министерот посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, пред сè во однос на предвидливоста на евроинтегративниот процес и постојаното отворање нови билатерални барања
Додаде дека за сите детали за кои разговарале некоректно е да ги споделува во јавноста, додавајќи дека довербата ќе се изгради ако двете страни останат цврсто на тоа што го споделуваат меѓусебно

Средбата помина во конструктивна атмосфера и позитивен дух, но без решение за суштинските прашања, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по денешните разговори со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова во Софија.
Средбата, се одржа по македонска иницијатива, а на идеја на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Муцунски посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, пред сè во однос на предвидливоста на евроинтегративниот процес и постојаното отворање нови билатерални барања.
„Морам да бидам и апсолутно транспарентен и јасен, не дека решивме некое суштинско прашање – позициите се сѐ уште многу далечни, за тоа нема никаква дилема. Но, разговаравме во позитивен дух за развивање на дијалог во периодот што следи помеѓу двете држави, и тој дијалог несомнено ќе продолжи“,
изјави Муцунски додавајќи дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не смеат да го оптоваруваат европскиот пат на земјата.
На новинарско прашање дали била отворена темата за Акцискиот план за малцинствата, Муцунски рече дека разговарале и за тоа и оти се договориле, меѓу другите прашања за коишто ќе има дијалог, и по ова прашање да има дијалог во периодот којшто следи.
Прашан да даде поконкретно образложение какви ќе бидат следните чекори на овој дијалог и дали има нешто поспецифично, Муцунски рече дека мора да има разговори по сите прашања што се од заемен интерес.
„Доколку нема дијалог, никако нема да има решение. И самиот дијалог не е гаранција за решение, бидејќи ќе повторам, двете држави имаат позиции коишто се навистина различни и се сѐ уште многу спротивставени или далечни. Но, се договоривме дијалогот да продолжи“,
рече Муцунски.
Додаде дека за сите детали за кои разговарале некоректно е да ги споделува во јавноста, додавајќи дека довербата ќе се изгради ако двете страни останат цврсто на тоа што го споделуваат меѓусебно.
„Но, ќе повторам, дијалог за сите битни прашања помеѓу двете држави се согласивме да има во следниот период“,
кажа министерот.
Муцунски потврди дека имал средба и со комесарката Марта Кос на која рече дека меѓу другото разговарале и за ова прашање.
„Ние имаме многу приоритети со Европската комисија и поврзани со реформската агенда, и поврзани со други стратешки интереси коишто ние кон ЕУ ги имаме апропо нашите односи во овој момент. Така да, опфативме низа прашања од заемен интерес, но точно е дека меѓу другото дискутиравме и за нашиот билатерален однос со Бугарија и начинот на којшто ние барем мислиме дека Европската Унија може да биде продуктивна во тој процес“,
додаде тој.
Во однос на Европската Унија и медијацијата, Муцунски рече дека неговиот впечаток е оти ЕУ ќе направи сѐ што е возможно.
Смета дека кај Европската комисија пред сѐ, има сериозен интерес да се постигне напредок по однос на процесот на отворање на преговори за нашата држава.
„Но, повторно ќе морам вака да одговорам – од почит кон процесите за коишто разговараме, во овој момент не може секој детаљ, и тоа јавноста ќе го разбере, да се сподели. Нашите позиции се непроменети по однос на позициите коишто Владата ги имала и во претходниот период, но секогаш сме велеле дека дијалог, без никаков сомнеж, мора да има. И тој дијалог од наша гледна точка, како што кажав и на денешната прес-конференција, ќе функционира во рамки на добрата верба и добрата волја, но земајќи ги во предвид нашите интереси како држава“,
одговори Муцунски.
Министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова по билатералната средба со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски рече дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.
Оцени дека средбата била конструктивна и дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски, по што ѝ било посочено дека е потребно да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.
Поврзани вести:
- Муцунски: Европскиот пат на Македонија треба да се темели на заслуги, а не на историја
- Петрова-Чамова: Коридорот 8 мора да се заврши, а не да остане збир на одделни проекти
- Муцунски од Софија: Изградбата на Коридорот 8 е можност добрососедските односи да ги преточиме во конкретни резултати
- Кос: Еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа
