Извор од истрагата за „360 степени“ вели дека се проверуваат и други предмети, покрај четирите досега опфатени. Случајот со бизнисменот Борче Марковски не е меѓу четирите извесни

Пецо Везироски, шефот на Вишото јавно обвинителство Битола, е обвинителот против кого е поведена истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, вели извор од истрагата за „360 степени“.
Засега се опфатени четири предмети, но се проверува неговото постапување и во други случаи. Предметот за бизнисменот Борче Марковски, со кој дел од медиумите ја поврзаа истрагата, (засега) не е меѓу овие четири, вели нашиот извор.
Во прибирањето докази биле користени и посебни истражни мерки, што е наведено и во денешното соопштение на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Оттаму не го објавија името на осомничениот, туку соопштија дека станува збор за виш јавен обвинител во ВЈО Битола.
Според Обвинителството, обезбедените докази упатуваат на сомнение дека осомничениот ги користел службената положба и реалното влијание за недозволено да влијае врз одлуките на други обвинители и судии во најмалку четири предмети на подрачјето на кое ја извршувал функцијата. Се сомничи дека ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна положба на осомничени и обвинети во кривични постапки.
Вчера, со судска наредба, биле извршени претреси во неговиот дом и во просториите на Вишото јавно обвинителство Битола за да се обезбедат дополнителни докази. Надлежниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка да му бидат определени мерки на претпазливост – одземање на пасошот и забрана за преземање определени работни активности, односно оддалечување од работното место.
Везироски беше избран за шеф на Вишото јавно обвинителство Битола на 30 септември 2022 година. Обвинителството со кое раководи ја надгледува работата на основните обвинителства во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и Ресен.
Неговото име беше споменувано во јавноста и во врска со враќањето на пасошот на Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, обвинет во случајот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“. „360 степени“ во јули објави дека Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Везироски.
По одлуката на струшкиот суд да му го врати пасошот, Марковски ја напушти државата преку граничниот премин „Табановце“. Таму бил задржан за проверки, по што бил пуштен да продолжи кон Србија бидејќи против него немало активна мерка што би го спречила да ја премине границата. Подоцна беше известено дека Марковски се вратил во земјава.
За случајот со враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, реагираше и премиерот Христијан Мицкоски оценувајќи дека „постои груба манипулација од локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола“. Мицкоски дополни дека обвинителот е соучесник во процесот.
