Во акцијата се приведени пет лица и против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги

Царинската управа разби меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога, при што се приведени пет лица и против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Акцијата започнала по разузнавачка информација, по што мобилните тимови на Царината на граничниот премин „Дојран“, на излез од државата, спречиле обид за шверц на 79 килограми марихуана наменети за турскиот пазар. Дрогата била запленета, а возачот – државјанин на Босна и Херцеговина, бил веднаш приведен.
Од Царина велат дека во предистражната постапка спроведена во соработка со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) било утврдено дека возачот влегол во Македонија управувајќи камион натоварен со железни профили за транспорт кон Грција. По претходен договор со соучесници од Македонија, на договорена локација марихуаната била претоварена во камионот. Возачот потоа го пломбирал возилото со пломба што ја носел со себе и се упатил кон ГП „Дојран“, каде што бил пресретнат од царинските мобилни единици.
Со оваа акција, од Царинската управа порачуваат дека продолжуваат со системско сузбивање на криминалот преку силни оперативни и разузнавачки дејствија.
