Проценките на поранешниот вицепремиер за економски прашања во владите предводени од СДСМ се дека во различни временски периоди државата, по основ на поврат на ДДВ, должи од 50 до 100 милиони евра
„Но, почнувајќи од втората половина на 2024 ако во тие шест месеци не вратите 100 милиони евра, тогаш за очекување е дека наредната година ќе имате најмалку 500 милиони евра помала економска активност. Затоа што тоа е помала ликвидност на самите компании. Ако вие цело време ги држите компаниите во одреден проблем со ликвидност, тогаш тие нема што да инвестираат. Еве, само еден пример – во градежништво веќе е стигнато речиси на 70 проценти плаќањата да се одвиваат преку компензација“, вели Битиќи во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, ја критикува практиката на власта да го одложува повратот на ДДВ, велејќи дека сомнежите за криминал кои можеби надлежните институции ги имаат, не можат да се однесуваат на целиот бизнис-сектор.
„Не може целото општество да е криминално. Можеби еден процент имаат криминална намера“,
вели Битиќи.
Прашан дали доцнењето со повратот на ДДВ е потврдено со податоци, Битиќи одговора дека бизнисмените ретко јавно зборуваат за проблемот. Тој ја спореди нивната воздржаност со периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кога, според него, компаниите почнале да зборуваат дури откако состојбата станала неодржлива.
Битиќи вели дека, додека бил вицепремиер, имал месечни средби со стопанските комори и дека постоела платформа за јавен и приватен дијалог. Според него, преку неа редовно се разгледувале проблемите на компаниите, но вели дека таква комуникација сега нема.

Тој проценува дека во различни временски периоди повратот на ДДВ што им доцни на фирмите изнесува меѓу 50 и 100 милиони евра. Ако, како што рече, во втората половина на 2024 година не биле вратени 100 милиони евра во рок од шест месеци, очекуваната последица следната година би била најмалку 500 милиони евра помала економска активност.
„Тоа значи помала ликвидност на компаниите. Ако постојано ги држите во проблем со ликвидноста, немаат што да инвестираат“,
вели Битиќи.
Како пример, тој го посочува градежништвото каде, според разговорите што ги водел со компаниите, речиси 70 отсто од плаќањата се одвивале преку компензација. Наместо паричен надомест за договори што може да изнесуваат два или три милиони евра, фирмите добиваат станови, автомобили или друга стока, тврди ексвицепремиерот.
Според него, ваквата состојба може да придонесува и за растот на цените на становите.
