Активностите на штандовите но, и оние кои се одвиваа во посебни шатори, им понудија на заинтересираните обука за законодавно застапување, работилници за изработка на детски накит и модни додатоци, работилници за експерименти за преработка на био-отпад, бесплатен час за дигитално образование и за опасностите од користењето на дигиталните технологии, видео презентација за животот во ромските населби и кратка обука за шминкање

Повеќе од 80 невладини организации од целата земја денеска ги претставиле своите активности во Градскиот парк во Скопје на фестивалот „Ден на граѓански организации“ организиран од швајцарската програма за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“, соопштија организаторите. Овој фестивал, организиран по шести пат, се одржа денеска во Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната „Лотос“, од 11 до 15 часот.
„Овој фестивал е прослава на граѓанскиот активизам и неговиот придонес за општеството и за граѓаните, и сакам да им се заблагодарам и да им искажам признание на организаторите“,
рекол амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф, Сомер на официјалното отворање на „Денот на граѓанските организации“.
Како што додал тој, фестивалот ги обединува организациите на граѓанското општество и граѓаните, поттикнувајќи интеракција преку информации, едукација, изведувачки уметности и дијалог.
За Амбасадорот Сомер, демократските општества се под притисок и се соочуваат со предизвици.
„Ова е добар момент ние, како граѓани, да се потсетиме на клучната улога на активното и живо граѓанско општество за нашите демократии. Во тој дух, особено сум среќен што гледам сè поголем број посетители, граѓани заинтересирани за работата на организациите на граѓанското општество. Повторното поврзување на организациите со граѓаните, помагањето да ги консолидираат своите заедници и зголемувањето на довербата на граѓаните во организациите на граѓанското општество се важни цели на Цивика мобилитас и клучни предизвици во овие времиња“,
рекол тој.
Шестото издание на фестивалот на „Цивика мобилитас“ оваа година обедини близу 80 организации на граѓанското општество од цела држава, истакна Александар Кржаловски, директор на МЦМС, во своето обраќање.
Зборувајќи за постигнувањата на организациите, тој истакна дека тие денес се претставуваат токму пред оние за кои работат, пред граѓаните.
„Затоа ги поканувам сите да ги посетат штандовите, да разговараат со организациите и да се уверат колку многу може да направи граѓанското општество кога е поврзано со граѓаните“,
додаде Кржаловски.
Програмата започна во 11 часот со настап на млади од Тетово наречен „Гласот во акција – фестивал на младите што создаваат“. Паралелно се одвиваа неколку активности, меѓу кои проекција на документарен филм „Универзитетите на раскрсница: реформите, автономијата и иднината“. Имаше и четири работилници и тоа за подигнување на свеста за афазија, за намалување на агресивното однесување кај децата, за садење растенија и за училишни градини.
Активностите на штандовите но, и оние кои се одвиваа во посебни шатори, им понудија на заинтересираните обука за законодавно застапување, работилници за изработка на детски накит и модни додатоци, работилници за експерименти за преработка на био-отпад, бесплатен час за дигитално образование и за опасностите од користењето на дигиталните технологии, видео презентација за животот во ромските населби и кратка обука за шминкање.
Учесниците ја презентираа својата работа на штандовите, а посетителите имаа можност да се информираат за нивните залагања и постигнувања, како и активно да се вклучат во планираните активности.
Програмата, според организаторите, била богата и разновидна. Животната средина и климатските промени и овој пат беа застапени преку презентации и квизови, а учесниците добија практични и корисни информации за сончевата енергија, обновливите извори на енергија, фотонапонските системи и можностите домаќинствата да произведуваат сопствена електрична енергија.
Дел од организациите, своите настани ги посветиле на здравјето, преку различни презентации. Посетителите можеа да направат тестирање за ХИВ или да добијат тестови за самотестирање, тестови за бременост.
Беа организирани едукативни игри, наменети за деца, како и прашања за педагогот, наменети за родителите. Организациите ја промовираа и бесплатната правна помош, и им покажаа на граѓаните како се распределуваат нивните даноци, а се зборуваше и за исполнувањето на владините ветувања.
