Претседателката на државата на средбата навела дека иако нашата држава не е формално меѓу државите од Западен Балкан со најголем напредок, сепак, според неа, земјава заслужува да биде со нив, наместо на споредната патека, гледано низ призмата на двата најважни елементи во евроинтегративниот процес – техничката подготвеност и геополитичката усогласеност на Македонија со европската надворешна и безбедносна политика
Фон дер Лајен, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет за средбата, укажала на неопходноста од деблокада на напредувањето на земјава кон ЕУ и во таа насока изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интезивни и сестрани средби и дијалог, кои треба да почнат час поскоро
Гарантирањето исти можности за Македонија како оние за Украина и Молдавија со сигурност ќе ја зајакне нашата институционална подготвеност и ќе ја обнови довербата и мотивацијата за европеизација, што ќе го забрза реформскиот курс. Ова, како свое цврсто уверување, го истакнала претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која со денешната посета на Скопје ја заокружува годишната турнеја низ Западен Балкан.

За содржината на средбата со шефицата на ЕК, Сиљановска-Давкова информираше преку објава на нејзиниот официјален фејсбук-профил, како и преку соопштение од нејзиниот кабинет, објавено на веб-страницата на претседателот на државата.
Во објавите се вели дека Сиљановска-Давкова најпрвин изразила благодарност за растечкиот интерес и посветеноста на Европската Унија (ЕУ) на регионот, потенцирајќи го во тој контекст индивидуалниот придонес на претседателката на Европската комисија во забрзувањето на регионалните евроинтеграциски процеси.
Претседателката на државата на средбата навела дека иако нашата држава не е формално меѓу државите од Западен Балкан со најголем напредок, сепак, според неа, земјава заслужува да биде со нив, наместо на споредната патека, гледано низ призмата на двата најважни елементи во евроинтегративниот процес – техничката подготвеност и геополитичката усогласеност на Македонија со европската надворешна и безбедносна политика.
Причината за отсуството на Македонија од, како што се наведува во соопштението, друштвото на најуспешните, според неа, е во давањето примат на наметнатиот билатерален спор со Бугарија пред Копенхашките критериуми.
„Изразив цврсто уверување дека гарантирањето исти можности за нас како оние за Украина и Молдавија, со сигурност ќе ја зајакне нашата институционална подготвеност и ќе ја обнови нашата доверба и мотивација за европеизација, што ќе го забрза реформскиот курс“,
наведува Сиљановска-Давкова во објавата на Фејсбук.
Таа, исто така, потсетила на потребата од одржување политичка Меѓувладина конференција, согласно новата метологија и Преговарачка рамка, како и регуларен состанок на Советот за стабилизација и асоцијалиција. Во тој контекст, таа ја потенцирала важноста на практикувањето витален интеграциски процес, што ќе резултура со видливи резултати за македонските граѓани.
Претседателката на Европската комисија, од своја страна, истакнала дека местото на земјава е во Европската Унија, и дека Брисел ќе продолжи сестрано да го поддржува нејзиниот реформски и евроинтеграциски пат, притоа оценувајќи ги досегашните реформи како импресивни.
Фон дер Лајен на средбата со претседателката укажала на неопходноста од деблокада на напредувањето на земјава кон ЕУ и во таа насока изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку интезивни и сестрани средби и дијалог, кои треба да почнат час поскоро.

Претходно денеска, на заедничката прес-конференција по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на ЕК, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со премиерот се договориле првиот чекор во насока на деблокада на процесот да биде направен следната недела.
Мицкоски, осврнувајќи се на истата тема, рече дека Фон дер Лајен го советувала, за време на посетата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија следната недела, да побара билатерална средба со својата колешка Велислава Петрова-Чамова. Тој, како што кажа, веднаш побарал од шефот на дипломатијата да испрати дипломатска нота и да побара таква средба за да, како што кажа, почнеме од некаде да го движиме процесот.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија попладнево за МИА потврдија дека и официјално е побарана билатерална средба на шефовите на диломатиите на Македонија и Бугарија, што би требало да се случи следната недела на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
