Со тоа што шефицата на Европската комисија го препратила премиерот на билатерални разговори со Бугарија, според опозиционерите, се ризикува процесот на пристапување во ЕУ да се претвори од европеизација во билатерализација
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска пред целата јавност кажа дека местото на Македонија заедно со македонскиот јазик, култура и идентитет е во ЕУ – што е уште една потврда на она што говори СДСМ – рече на денешната прес-конференција заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.

„ВМРО, заедно со Мицкоски, тогаш како и денес, ја ширеа хистеријата, нè нарекуваа предавници. Велеа дека ќе го вратат името, ветуваа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, ветуваа дека ќе обезбедат подобри преговарачки позиции. И што се случи? Дојдоа на власт и полека, но сигурно, Преспанскиот договор за нив стана ремек-дело на дипломатијата. За Муцунски членството во НАТО стана одлична работа за бизнис-секторот. Претседателката Сиљановска-Давкова самата потврди дека со Преспанскиот договор е потврден и нашиот идентитет, македонскиот, и македонскиот јазик. И што ќе прави денеска Мицкоски пред Фон дер Лајен, освен што ќе седи и ќе молчи?“,
рече Каранфилова-Пановска
Од СДСМ се осврнаа и на денешните разговори на премиерот Христијан Мицкоски со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при што оценија дека земјава ризикува процесот на пристапување во ЕУ да се претвори од европеизација во билатерализација.
„Денеска Фон дер Лајен го препрати Мицкоски на билатерални разговори со Бугарија. Му посочи – ако си најтврдоглав, со други зборови, одете и разговарајте со соседна Бугарија, тогаш кога не постапувате по она што е договорено од 27 држави членки, а што го викаме преговарачка рамка, каде што точно е утврден нашиот идентитет и точно се утврдени чекорите што треба да ги исполниме за да направиме исчекор во процесот“,
додаваат од СДСМ.
Загрижувачки, според опозиционерите, е тоа што додека останатите земји кандидатки добиле патокази, земјава и после сите битки и жртви на патот кон ЕУ, ќе остане без патоказ.
