„Добро е што Филипче почна да зборува. Тука сме да му помогнеме и да побараме од Јавното обвинителство по допрен глас да реагира и да го сослуша Венко Филипче за, како што самиот обвини, криминалот на Славјанка тежок 37 милиони евра“, рекоа од владејачката партија
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да покрене истрага по вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со која ја обвини Славјанка Петровска, дека како министерка за одбрана потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, иако надлежната комисијата донела друга одлука.

„Пратеникот и лидер на СДС, Венко Филипче, вчерашната прес-конференција откри и потврди скандал каде што има основен сомнеж за криминал. Тој јавно излезе со обвинување против пратеничката од редовите на СДС и ексминистерка Славјанка Петровска. Тој изјави, цитирам: ‘Славјанка Петровска потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако комисијата донела друга одлука’“,
рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Од партијата велат дека скандалот обелоденет од лидерот на СДСМ не може да биде изигнориран и го повикаа Обвинителството по допрен глас итно да отвори предмет и да реагира во врска со ваквите наводи.
„Добро е што Филипче почна да зборува. Тука сме да му помогнеме и да побараме од Јавното обвинителство по допрен глас да реагира и да го сослуша Венко Филипче за, како што самиот обвини, криминалот на Славјанка тежок 37 милиони евра. Го поддржуваме и поттикнуваме Венко Филипче да не молчи и да каже сè што има за Славјанка Петровска. Веруваме дека има уште многу да соопшти за криминалот во таборот на СДС“,
додаде Манасиевски.
Вчерашната изјава на Филипче беше во контекст на обвинувањата кои ги упати на сметка на поранешните и актуелни функционери на СДСМ кои се дел од платформата „Разговори за иднината во 12:05“ кои, меѓу другото, бараат смена на актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз.
