Според извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации, во 2024 година европските домаќинства создале 69 килограми отпад од храна по човек, а во Македонија таа бројка достигнала 86 килограми по човек
Македонските домаќинства во просек фрлаат по 86 килограми храна годишно по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија – покажува извештајот на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) за индексот на отпад од храна за 2024 година. Според извештајот, во 2024 г. европските домаќинства создале 69 килограми отпад од храна по човек, а во Македонија таа бројка достигнала 86 килограми по човек.

Според УНЕП, домаќинствата во Македонија во 2024 година создале вкупно 179 311 тони отпад од храна, а рестораните создале 51 283 тони отпад или околу 25 килограми по човек годишно. Во малопродажбата биле создадени вкупно 30 755 тони отпад од храна или по 15 килограми по човек годишно.
„Македонските домаќинства создаваат по 17 килограми по човек повеќе отпад од храна од европскиот просек, рестораните и услугите за исхрана по 10 килограми над европскиот просек, додека во малопродажбата се создаваат 5 килограми повеќе отпад од храна по човек годишно“,
се наведува во извештајот.
На ниво на Европската Унија, според податоците на Евростат, во 2024 година секој граѓанин генерирал по околу 129 килограми отпад од храна, што претставува пораст од 0,7 отсто во споредба со 2023 година.
Во Македонија нема официјална статистика за количеството на фрлена храна и се мери само вкупно собран органски отпад во кој влегува храна, лисја и слично. Според податоците на Државниот завод за статистика, годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2025 година изнесува 417 килограми, што е за 4,8 проценти помалку од истото количество во 2024 година.
