„Но, едно е јасно – оваа пресуда е за индивидуалната одговорност на обвинетите. Отпорот на Косово не беше на судење. Мора да го зачуваме сеќавањето на сите жртви од сите заедници“, изјави шефицата на Европската комисија на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти
Пресудата на Хашкиот трибунал против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) мора целосно да се почитува, изјави од Приштина претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа додаде и дека никој и ништо не може да ја промени историјата на Косово и косовскиот народ.

„Пресудата на Специјализираните совети предизвика силни емоции. Ја ценам вашата одмерена реакција, како и реакцијата на политичките лидери кои повикуваат на смиреност“,
рече фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.
Фон дер Лајен, која денеска е во посета на Косово во рамки на својата балканска турнеја, изјави дека пресудата е донесена од независна судска институција и мора целосно да се почитува. Но едно е јасно, вели шефицата на ЕК:
„Oваа пресуда е за индивидуалната одговорност на обвинетите. Отпорот на Косово не беше на судење. Мора да го зачуваме сеќавањето на сите жртви од сите заедници.“
На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, косовскиот премиер Албин Курти рече дека Судот јасно ставил до знаење дека намената на пресудата во никој случај не била да ја поткопа правдата или легитимитетот на ослободителната војна. Сепак, тој изрази загриженост во врска со другите аспекти на пресудата и високите казни, за кои изрази очекување дека ќе бидат коригирани во жалбената постапка.
Фон дер Лајен беше прашана за иницијативата на Демократската партија на Косово за законски измени со кои би се ограничила надлежноста на Специјализираните совети на Косово во Хаг. Шефицата на ЕК рече дека одлуката по ова прашање е на Косово, но рече дека важно е да се гарантира независноста на судството.
