„Нека скратат на луксузите, патувањата, мебелот и колите и пари во буџетот може да се најдат и нека ги поддржат компаниите да се субвенционираат придонесите за тоа зголемување на платите да не им биде товар на приватните компании и на сопствениците коишто тоа го работат“, рече лидерот на СДСМ

Ќе има социјални немири во државата ако власта вака неодговорно продолжи да се однесува, вели лидерот на Социјалдемокрартскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, упатувајќи апел до владејачкото мнозинство во Собранието да го поддржат законот за зголемување на минималната плата и закон во којшто се субвенционираат придонесите кај приватните компании за дел на зголемување на минималната плата.
„Ние сме свесни целосно дека ниту имаат идеја, ниту имаат желба, ниту имаат некаква визија. Едноставно не носат кон економска, финансиска бездна. Секојдневно најавуваат само нови задолжувања, а граѓаните од тоа не можат да видат и не видоа апсолутно никаков бенефит“,
рече Филипче на прес-конференција во законодавниот дом.
Филипче ја критикуваше економската политика на Владата обвинувајќи дека дупката во буџетот е огромна и оти дефицитот е близу милијарда евра.
Според него, дупката во пензискиот фонд е удвоена за две години, а вели дека сега сакаат да посегнат и по парите од вториот пензиски столб.
„Ги предупредувам дека ќе се соочат со граѓански револт, на крај памет да не им падне како што најави директорот дека е можно да се инвестирале парите од пензискиот фонд во некакви проекти тука во државата. На крај памет да не им падне да посегнат по парите коишто сите ние ги одвојуваме за да имаме пари за пензии“,
рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека во земјата има високи цени на горивата, скапи прехранбени производи, а најнизок стандард во регионот и во Европа.
Тој потсети на политиките што ги водела неговата партија кога била на власт велејќи дека тогаш имало помош за граѓаните во време на ковид и финансиската криза, на почетокот на војната во Украина кога биле поделени две милијарди евра за социјални случаи, пензионери, студенти, поддршка на компаниите, плати, поддршка на сметките на струја.
„Граѓаните не можат да врзат крај со крај. Никаква мерка, никакви пакет мерки во изминатиот период. Затоа апелирам да покажат малку свест барем за ситуацијата во којашто е државата, во којашто се наоѓаат граѓаните. едноставно не можат да преживеат кога ги купат основните потреби, кога ќе вратат кредити па пренатрупани долгови. Едноставно пари не стигнуваат. Ќе има социјални немири во државата ако власта вака неодговорно продолжи да се однесува. Апелирам да го поддржат законот и минималната плата да се покачи на 600 евра“,
додаде Филипче.
Кажа и дека социјалдемократите веќе направиле пресметки и и укажале на власта од каде може да се најдат пари.
„Нека скратат на луксузите, патувањата, мебелот и колите и пари во буџетот може да се најдат и нека ги поддржат компаниите да се субвенционираат придонесите за да тоа зголемување на платите не им биде товар на приватните компании и на сопствениците коишто тоа го работат“,
додаде тој.
Упатувајќи апел до пратениците од власта да го поддржат овој закон, Филипче рече дека за две недели истото ќе треба да го направат и со законот за финансиска поддршка во земјоделието. Според него, тоа исто така е сегмент што трпи сериозен притисок во секој сектор.
„Освен што се ниски откупните цени и субвенциите на неколкукратно зголемени трошоци за производство во изминатиот период јавно, јасно и гласно земјоделците ни порачуваат – догодина нема да работиме. Ќе се соочиме со колапс во секторот на земјоделието. Да го поддржат и тој закон за финансиска поддршка во земјоделието“,
апелира лидерот на СДСМ.
