На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје првиот академски час ќе се одржи на платото на УКИМ каде што е најавено свечена програма со официјални обраќања, културно-уметничка програма и информативна сесија, како и пригодни активности за дружење и забава
Со прв академски час на унивезитетите во земјава денеска започнува новата студиска 2026-2027 година.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје првиот академски час ќе се одржи на платото на УКИМ каде што е најавено свечена програма со официјални обраќања, културно-уметничка програма и информативна сесија, како и пригодни активности за дружење и забава.
На настанот по повод почетокот на новата академска година ќе присуствува и ќе се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Со конкурсот на УКИМ, годинава на 23. факултети во состав на универзитетот беа слободни вкупно 8 851 место за бруцоши во новата академска година.
На најстариот и најголем универзитет во државата во моментов студираат над 26 илјади студенти, од кои на додипломски студии се повеќе од 23 400, а останатите се на магистерски и на докторски студии.
Во прв циклус (додипломски) студии на УКИМ има 242 студиски програми, 313 на втор (магистерски) и 99 на трет циклус (докторски) студии.

Од оваа академска година УКИМ има и ново раководство предводено од новостарата ректорка Биљана Ангелова, која на изборите во мај доби нов тригодишен мандат.
Пред две недели Ректорската управа за мандатот 2026-2029 избра нови проректори – проф. д-р Соња Топузовска, која е проректор за настава, потоа проф. д-р Ивана Јанеска-Стаменковска – проректор за наука, проф. д-р Иван Чорбев– проректор за меѓународна соработка и проф. Лазо Пендовски – проректор за финансии, инвестиции и развој.
На првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, кој е предвидено да има свое обраќање.
Министерството за образование и наука (МОН) вчера на својата веб-страница ги објави списоците на студенти запишани во прва година што ќе бидат сместени во студентски домови во Скопје, Штип, Тетово, Битола и Охрид.
Списоците за сместување бруцоши во академската 2026-2027 година ќе бидат објавени и на огласните табли во студентскиот дом каде што конкурирал студентот.
Приговор во однос на резултатите студентите може да достават во домот каде аплицирале за сместување и тоа во рок од 10 дена од денот на објавување на списоците.
Примените студенти, во согласност со конкурсот, се вселуваат во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој се примени, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.
