Инаку, освен за скопска апелација, Судскиот совет денеска ја разгледуваше документацијата и за избор на претседател на Основниот суд Струга, каде што единствен пријавен кандидат е Танче Петревски

Судијката Лидија Зимбовска и актуелниот вршител на должноста претседател на Апелацискиот суд Скопје, Зоран Герасимоски, се кандидатите што се пријавиле на огласот распишан од Судскиот совет за прв човек на скопска апелација.
На почетокот на денешната седница на Судски совет, на која на дневен ред беше извештајот на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на документацијата, нејзиниот претседателот Садула Изаири го прочита извештајот од работата на седницата на 26.8.2026 година.
Изаири рече дека од увидот во документацијата, Комисијата констатирала дека сите кандидати пријавите ги доставиле навремено согласно условите во огласот.
Рече дека тој заедно со членот на Комисијата, Ивица Николовски, сметале дека документацијата за судијата Зоран Герасимоски е уредна и комплетна и постапката треба да продолжи.
По однос на истиот кандидат, Изаири рече дека членот на Комисијата Тања Чачарова-Илиевска сметала дека кандидатот Герасимоски нема уредна и комплетна документација бидејќи немало доставен доказ дека ги исполнува условите по член 47 став 1 од Законот за судови, односно дека има непрекинат судиски стаж од шест години во Апелацискиот суд Скопје во моментот на објава на огласот на 31.7.2026 година.
„Истиот член наведува дека од податоците со кои располага Судски совет се утврдува дека кандидатот Зоран Герасимоски избран за судија на Апелациониот суд Скопје на ден 28.11.2017 година, а за член на Судски совет избран на ден 20.9.2022 година која функција ја извршува се до 8.6.2023 година, а за кој период судиската функција му мирува“,
рече Изаири читајќи го извештајот на Комисијата.
За кандидатката Зимбовска, Изаири рече дека едногласно било одлучено оти постапката треба да продолжи.
Судскиот совет со седум гласа „за“ и четири „против“ ги усвои извештаите на Комисијата за проверка на навременоста на пријавите и комплетноста на документацијата по објавените огласи и одлучи постапката за избор да продолжи во следната фаза. Против извештајот гласаа членовите на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, Сузана Јошевска-Анастасовска, Антоанета Димовска и Џанета Бектовиќ.

Судијката Зимбовска, како што пишува на веб-страницата на судот, за судија во Апелацски суд Скопје избрана е на 10.2.2020 година, каде што постапува по предмети во кривичниот оддел.
За Герасимоски, пак, е наведено дека на 23.11.2017 година избран е за судија во Апелационен суд Скопје, каде што постапува по предмети во граѓанскиот оддел. Тој од 30 јули годинава со решение на Судскиот совет е определен за вршител на должноста претседател на Апелационен суд Скопје.
Инаку, освен за скопска апелација, Судскиот совет денеска ја разгледуваше документацијата и за избор на претседател на Основниот суд Струга, каде што единствен пријавен кандидат е Танче Петревски.
Судскиот совет денеска избра и нови претседатели на Основниот суд Гостивар, Дебар и на Свети Николе по претходно усвојување на извештаите од спроведените постапки по објавените огласи.
За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот в.д. претседател Мирослав Петровски, кој беше еден од двајцата кандидати со уредна и комплетна документација. Во постапката учествувал и Елејса Алији, но на седницата беше посочено дека на 13 јуни 2026 година била усвоена одлука за исполнување услови за старосна пензија. Кандидатката Драгослава Веселиновска не ја комплетирала документацијата бидејќи не доставила акциски план за спроведување на програмата за работа.
За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски. Во постапката учествувал и Мерсим Марку, но Судскиот совет констатирал дека не ги исполнува условите за избор бидејќи двапати претходно бил избран за претседател на Основниот суд Дебар.
За претседател на Основниот суд Свети Николе е избрана Валентина Буровска, која била единствен кандидат во постапката.
На денешната седница Советот го усвои и извештајот од извршената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје.
Исто така, беа избрани и разрешени судии поротници за Основните судови во Виница, Дебар, Кочани, Охрид и Радовиш.
Судскиот совет ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април – јуни 2026 година при што судовите на ниво на државата беа оценети како неажурни.
Од дискусијата на седницата произлезе дека речиси сите судови се соочуваат со недостиг од судии и особено со недоволен број судски службеници поради што Судскиот совет оцени дека кадровската екипираност останува еден од најголемите предизвици за подобрување на ефикасноста на судскиот систем.
