Според скопскиот градоначалник, дел од граѓаните сметаат оти им е поевтино да ја платат казната отколку правилно да го одложат кабастиот отпад на депонијата „Дрисла“. Поради ова, тој најави дека Град Скопје планира бесплатно одлагање ваков отпад за сите жители на Скопје, што би се случувало секоја недела
Казни во вредност од над 80 000 евра во изминатиот период им се изречени на правни субјекти кои несовесно го одлагале отпадот – изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. За поефикасна борба против ваквите појави, но и за контрола над спроведувањето на забраната за фрлање отпад по 22 часот, градоначалникот е на став дека е неопходно формирање комунална полиција.

„Апсолутно ни недостасува комуналната полиција, за која чекаме законот за локална самоуправа да биде изгласан во Собранието. Уште еднаш апелирам час поскоро да се случи тоа. Не е доволно некогаш само да казните, многу е важна и висината на глобата“,
изјави денеска скопскиот градоначалник.
Според Ѓорѓиевски, дел од граѓаните сметаат оти им е поевтино да ја платат казната отколку правилно да го одложат кабастиот отпад на депонијата „Дрисла“. Поради ова, тој најави дека Град Скопје планира бесплатно одлагање ваков отпад за сите жители на Скопје, што би се случувало секоја недела.
„Не може да дозволиме однесувањето на малцинството да ни прави проблем на сите. Малцинство се тие коишто несовесно се однесуваат спрема животната средина, малцинство се тие коишто кога реновираат кујните, креветите и сè останато ги оставаат во паркови, на булевари, околу контејнери и така натаму. Ако сите темелно се бориме со тоа што е проблем, а го предизвикуваат малкумина, мислам дека ефектот ќе го постигнеме“,
изјави Ѓорѓиевски.
Додава дека во борбата против незаконското одлагање отпад активно се вклучени и скопските општини.
