Во своето обраќање на отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“, која до 2 октомври ќе се одржува во Скопје, шефот на дипломатијата наведе дека европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, а напредокот на земјите кандидати да зависи од реформите и исполнувањето на европските критериуми
„Европа не е завршен проект, туку колективна изградба. Нејзиниот капацитет постојано да си ги поставува прашањата е една од нејзините сили во европскиот проект. Денес слушаме многу критики во поглед на европскиот проект – понекогаш основани, но понекогаш и неправедни. Да не заборавиме што е суштинско. Дали нашите сограѓани се подготвени да прифатат алтернативни модели за коишто многу добро знаеме дека во себе содржат опасности по човековото достоинство?“, кажа амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Риголер на настанот
Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан денес не е само инвестиција во регионалната стабилност, туку стратегиска инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“, која од вечерва до 2 октомври ќе се одржува во Скопје.

На отворањето на настанот, организиран од Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Северна Македонија, Муцунски, меѓу другото, кажа и дека младите од Западен Балкан имаат клучна улога во обликувањето на иднината на Европа.
Тој потенцира дека членството во ЕУ останува стратегиска определба на државата, но дека процесот на интеграција треба да придонесе за зајакнување на институциите и создавање нови можности за граѓаните, а не за менување на националниот идентитет.
„Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет“,
рече шефот на дипломатијата.
Според него, европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, а напредокот на земјите кандидати да зависи од реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер истакна дека „Европските дијалози“ од 2023 година се организираат низ различни европски градови со цел поттикнување на дебатата за иднината на Европа и европскиот проект. Посочи дека насловот на ова издание, „Наследство и европска иднина“ подвлекува една нишка којашто е нераскинлива на овие две димензии – она што ние го примаме од историјата и она што ние посакуваме да го изградиме заедно.
Тој наведе дека конференцијата во Скопје е завршен настан од програмата „Споделени хоризонти“, иницирана од Франција во 2024 година, со цел поттикнување помирување на историските сеќавања и градење заеднички европски перспективи на Западен Балкан.
„Европа не е завршен проект, туку колективна изградба. Нејзиниот капацитет постојано да си ги поставува прашањата е една од нејзините сили во европскиот проект. Денес слушаме многу критики во поглед на европскиот проект – понекогаш основани, но понекогаш и неправедни. Да не заборавиме што е суштинско. Дали нашите сограѓани се подготвени да прифатат алтернативни модели за коишто многу добро знаеме дека во себе содржат опасности по човековото достоинство?“,
рече Ле Риголер.

Според него, Европа не се гради само преку институции и политики, туку и преку споделени искуства, идеи и солидарност, додека различните историски наративи треба да бидат основа за дијалог, а не за поделби.
„Во рамките на овие дијалози, историјата е во сржта на размислувањата, затоа што несомнено не ги споделуваме истите читања на минатото, ниту пак истите историски сеќавања. И токму таа плуралност на наративот е она што создава обврска да разговараме слободно за сите написи, но исто така и со историска строгост, критички дух и взаемно почитување. Европа не почива на бришењето на различностите, туку на капацитетот да живееме заедно, но исто така и заедно да градиме заедничка рамка во којашто различноста ќе може да го даде целиот свој одраз. Оваа заедничка рамка ги одразува конкретно европските споделени вредности – достоинството, слободата, еднаквоста, плурализмот, демократијата, заштитата на правата, слободата на изразување и можноста секој да си го најде своето место во општеството“,
кажа францускиот амбасадор Ле Риголер.
На конференцијата учествуваат повеќе од 70 млади истражувачи, активисти и студенти од Европа и Западен Балкан, кои во наредните денови ќе дебатираат за заедничкото европско наследство, граѓанските движења и визијата за иднината на Европската Унија.
Конференцијата беше отворена во Музејот на современата уметност во Скопје со изложбата „Солидарноста како иднина“.

