Прашан дали на средбата со Фон дер Лајен ќе го отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, премиерот потенцира дека досегашните билатерални средби без трета страна немале суштински ефект

Реформите што ги испорачуваме треба да бидат основа за вреднување на нашиот напредок, а дијалогот со Софија мора да се одвива во присуство на претставници од Европската Унија или НАТО за да се постигне реален ефект, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Коментирајќи ги медиумските информации што вчера ги објави „Политико“ дека ЕУ планира забрзување на интеграциите за четири земји кандидати, а меѓу нив не се Северна Македонија, Србија и БиХ, Мицкоски истакна дека нема такви информации и дека тоа би било нелогично со оглед на испорачаните реформи во рамките на Реформската агенда и Планот за раст.
Во пресрет на најавената средба в петок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и што очекува од неа, премиерот рече дека ќе поразговараат околу актуелната состојба во рамките на процесот на проширување, предизвиците што се случиле во меѓувреме и за она што се очекува во периодот што следува.
„Кога правите стратегија и план каква политика да водите треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во ЕУ“,
рече Мицкоски осврнувајќи се на изборните резултати во Германија и претстојните избори во Франција, до геополитичките превирања и референдумот во Исланд.
Смета дека случувањата во ЕУ се некаков индикатор врз основа на кој земјата ќе треба да ги гради политиките во периодот што следи.
Прашан дали на средбата со Фон дер Лајен ќе го отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, премиерот потенцира дека досегашните билатерални средби без трета страна немале суштински ефект.
Тој вели дека разговорите треба да се водат во присуство на претставници од Европската комисија или од НАТО за објективно соочување на аргументите, додавајќи дека во моментот нема лична комуникација со бугарската страна.
„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници на ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака кога ние седиме и разговараме на билатерална основа тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту пак потоа брифирањето од тие средби е онака како што се разговарало. Ценам дека за да имаме некаков ефект, за да имаме суштина во тие разговори, добро е да има претставници од страна на Европската комисија за да ги слушнат аргументите. Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме другите аргументи“,
одговори Мицкоски.
