Ревизијата утврдила дека значаен ризик и една од најголемите пречки за учество на жените во политиката и на високи раководни позиции е говорот на омраза, особено на интернет, што, како што се посочува, негативно влијае врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќањето на ваквите функции
Иако жените претставуваат 57,5 отсто од вкупно 110 885 вработени во јавниот сектор, на раководни позиции најчесто се именувани мажи, што укажува дека поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување – пишува во извештајот „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“ на Државниот завод за ревизија.
Ревизијата, која го опфаќа периодот од 2020 до 2024 година, утврдила дека не се воспоставени ефективни политики за зајакнување на улогата на жените на лидерските и раководните позиции во централната власт.

„Извршената анализа покажува дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во Собранието. Во периодот 2007–2024 година учеството на жените пратенички се движи од 30 до 43 проценти, а во 2024 година изнесува 39,2 отсто. Со овој процент државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83 отсто од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на Европската Унија е на прво место“,
се посочува во ревзискиот извештај.
И покрај тоа, се нотира дека од конституирањето на парламентот во 1991 година ниту една жена не е избрана за претседателка на Собранието. Во актуелниот парламентарен состав, пак, има една жена потпретседател согласно одредбата од Деловникот од 2023 г. – најмалку еден од потпретседателите да биде од помалку застапениот пол.
Во извршната власт, пак, се посочува во извештајот, состојбата е поинаква бидејќи Законот за Влада и Деловникот не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите и за разлика од парламентот, каде што постои правнообврзувачка квота, составот на извршната власт зависи од предлогот на мандатарот.
„Во периодот од 2014 до 2024 година учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14 до 31 отсто, како заменик-министерки од 7 до 25 проценти, а како државни секретари од 6 до 31 отсто. Во составот на Владата 2024-2028 година, од 20 министри со ресор, само три се жени, односно 15 отсто, додека од петте заменици на претседателот на Владата нема ниту една жена“,
посочуваат од ДЗР.
Ревизијата утврдила дека не постојат унифицирани и доволно транспарентни механизми за избор и именување на раководители во централната власт бидејќи постапките се уредуваат со различни закони, а дел од изборите се вршат на затворени седници. Иако во мај 2026 година е доставен предлог-закон за високи раководители, кој предвидува избор според заслуги, транспарентност и еднаков пристап, родовата еднаквост сè уште не е системски обезбедена при именувањата во надлежност на Собранието, Владата и министерствата.
Иако Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 ја препознава потребата од поголемо учество на жените во одлучувањето, според ДЗР недостигаат прецизни индикатори, мерки и механизми за следење и отчетност. Во извештајот се споменува и Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање, кој иако меѓу целите има промовирање на учеството на жените и еднаквите можности за лидерство, во 2024 година не спровел обуки насочени кон развој на жени за лидерски позиции.
Ревизијата утврдила дека значаен ризик и една од најголемите пречки за учество на жените во политиката и на високи раководни позиции е говорот на омраза, особено на интернет, што, како што се посочува, негативно влијае врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќањето на ваквите функции.
„Создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот е предуслов за демократско управување и квалитетни јавни политики“,
се додава во извештајот на ДЗР.
Државниот завод за ревизија препорачува институциите и политичките партии да воведат конкретни мерки за унапредување на родовата еднаквост, подобра координација и системско следење на состојбата.
