Од партијата предупредуваат за еколошката состојба во земјата, посочувајќи го отсуството на официјален извештај по 11 недели од труењето на граѓаните во Гостивар, како и загриженоста за безбедноста на водата за пиење во над педесет населени места и плановите за отворање рудници, дата-центри и ископ на антимон

Ние сме за институции – не сме за банда, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение реагирајќи на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека СДСМ е против сè, а само за марихуана-економија.
Од партијата ја обвинуваат власта за драстичен пад на инвестициите, корупција и неодговорно управување со државните ресурси.
Од СДСМ истакнуваат дека во времето на нивното владеење биле забележани најголемите странски инвестиции, додека денес, под водство на актуелната власт, тие забележале пад од над 65 проценти – спуштајќи се од просечни 250 милиони евра по квартал на само 18,7 милиони евра во последниот квартал. Според партијата, нема инвестиции затоа што никој не вложува во земја што ја води организирана криминална група.
Во соопштението од СДСМ упатуваат критики и прашања до власта.
СДСМ обвинува за незаконски активности во ЕСМ во врска со набавката на броила велејќи дека тоа е грабеж што се спроведува преку министерската Сања Божиновска. Исто така, реагираат и на бројноста на владината делегација на патувањето во Америка и користењето на лоби-куќи за организирање приватни средби на трошок на граѓаните.
Од партијата предупредуваат за еколошката состојба во земјата, посочувајќи го отсуството на официјален извештај по 11 недели од труењето на граѓаните во Гостивар, како и загриженоста за безбедноста на водата за пиење во над педесет населени места и плановите за отворање рудници, дата-центри и ископ на антимон.
Опозициската партија се спротивставува на, како што наведуваат, странското влијание и додаваат дека не може Орбан и Вучиќ да управуваат со Македонија.
„Не може руската партија Левица заедно со Мицкоски да ги исполнува желбите на Москва. Не може човек на БИА да биде министер. Најмалку може да се слави осуден српски воен злосторник“,
се додава во соопштението.
Од партијата потсетуваат дека додека биле на власт, го потпишувале пристапувањето на земјата во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ.
„Нема дилема – ние сме против криминалот и корупцијата. СДСМ гордо го потпиша пристапувањето на земјата во НАТО и ги отвори преговорите со ЕУ. За разлика од тоа, актуелната власт ја блокира европската интеграција и за само две години ја задолжува државата за 4 милијарди евра. Ние сме за институции, а не за банда“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
