Кузеска порача дека СДСМ силно ќе се спротивстави и заедно со граѓаните ќе го блокира планот за отворање на новите рудници, нагласувајќи дека државните ресурси не се на продажба

Во тек е голема распродажба на Македонија и претворање на земјата во депонија за туѓи бизнис-интереси, обвини портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Според СДСМ, под изговор за инвестиции, Владата предводена од Христијан Мицкоски подготвува терен за отворање на пет нови рудници – Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке, како и планирани геолошки ископи на планината Кожув и нов ископ на антимон за потребите на воената индустрија.
„За туѓи интереси и профити, на директна штета на здравјето на луѓето, се распродаваат водата, земјата и рудата. Продавачи на оружје му ги плаќаат состаноците по хотели и ходници во САД, а тој им враќа со земја и ископ на отровен антимон за муниција. Провизија за нив, а сметката за народот“,
изјави Кузеска.
Од опозициската партија посочуваат дека за сите овие проекти, како и за плановите за дата-центрите, се користи иста шема со однапред договорени фирми кои делуваат зад очите на јавноста, додека АД ЕСМ тоне, а граѓаните се соочуваат со енормно високи трошоци за живот.
„Истата шема како кај дата-центрите: пет-шест фирми под радар, веќе договорени. За две и пол години Мицкоски нема ниту еден економски резултат. Кошничката е до плафон, 90 илјади денари. Народот едвај врзвува крај со крај. Затоа што Мицкоски државата ја гледа како плен. Нема економски политики, има грабеж! ЕСМ тоне. Државата се задолжува, а тие со Адамовиќ и Лазаревиќ, преку линковите со ’Руднап’ и Божиновска, тераат бизниси со струја и со броила. Тоа се приоритетите на Мицкоски. Бизнисот, провизиите, профитите“,
додаде Кузеска.
Кузеска порача дека СДСМ силно ќе се спротивстави и заедно со граѓаните ќе го блокира планот за отворање на новите рудници, нагласувајќи дека државните ресурси не се на продажба.
Инаку, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во четвртокот рече дека со новиот просторен план власта предвидува отворање пет нови рудници, со што земјата се распродава за странски профити, а на штета на здравјето на граѓаните. Тој побара повлекување на планот, посочувајќи дека здравјето на граѓаните и националното богатство не смеат да бидат подредени на финансиски интереси. Во спротивно, рече дека ќе има спротивставување на планот на сите јавни дебати, како и физички блокади доколку власта не се повлече.
