Британскиот министер за одбрана во изјава за „Радио 4“ на Би-би-си ги пофалил полицијата и безбедносните служби за нивната работа, притоа осврнувајќи се на коментарите на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој тврди дека осомничените подолго време биле под надзор на американските и на британските безбедносни служби
Од друга страна, жената која ја повикала полицијата и се јавила на бројот за итни случаи, откако ги забележала комбињата и мажите, претходно во изјава за Би-би-си рекла дека безбедносните служби очигледно „направиле сериозен пропуст во овој случај“. Министерот вели дека жената, која одлучила да остане анонимна, имала „само делумна слика за ситуацијата“
Безбедносните служби на Велика Британија однапред знаеле за групата мажи уапсени вчера во врска со заговор за бомбашки напад врз базата „Ферфорд“ (Fairford) на Кралските воздухопловни сили (РАФ) што ја користи војската на САД. На ова, според „Гардијан“, сугерира изјавата на британскиот министер за одбрана Вес Стритинг дадена за Би-би-си, во која не ги негира наводите на американскиот претседател Доналд Трамп дека групата била следена подолго време.

За потсетување, петмина мажи беа упасени вчера под сомнение дека сакале да извршат терористички напад, откако припадници на вооружената полиција пронајдоа експлозив во три комбиња паркирани во близина на базата „Ферфорд“ во Глостершир, од каде американските воздухопловни сили спроведуваат мисии насочени против Иран.
Полициската акција уследила откако локална жителка, која возела во близина на базата вчера во раните утрински часови ги забележала комбињата и мажите, кои се однесувале необично, по што се јавила на бројот за итни случаи – 999.
Утрово, во изјава за Би-би-си, жената, меѓу другото, рекла дека безбедносните служби очигледно „направиле сериозен пропуст во овој случај“.
Подоцна, гостувајќи во емисијата „Денеска“ на „Радио 4“ на Би-би-си, министерот за одбрана Стритинг рекол дека иако сака да ѝ се заблагодари на жената, која одлучила да остане анонимна, таа сепак „имала само делумна слика за ситуацијата“.
Министерот за одбрана ги пофалил полицијата и безбедносните служби за нивната работа, притоа осврнувајќи се на коментарите на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој тврди дека осомничените подолго време биле под надзор на американските и на британските безбедносни служби.
Трамп рече дека осомничените планирале да направат голема штета, но биле спречени благодарение на соработката меѓу службите на САД и Британија, кои, како што кажа, завршиле одлична работа.
„Тоа е фантастично. Работењето со Британија, тоа беше извонредна работа“,
наведе американскиот претседател во врска со случајот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Стритинг не ги негирал наводите на Трамп.
„Нашите безбедносни служби и полицијата не бараат пофалби, но мислам дека вчера беше момент на гордост да се види како претседателот на САД ја препознава извонредната работа што нашата полиција и нашите безбедносни и разузнавачки служби ја вршат секојдневно, во текот на целата година и низ целиот свет, за да нè заштитат. Тоа е сè што сакам да кажам за ова утрово“,
ја пренесува „Гардијан“ изјавата на британскиот министер за одбрана.
Тој, како што се додава, одбил да даде какви било детали за информациите со кои располагале службите претходно во врска со заговорот, а не го соопштил ниту идентитетот на уапсените мажи.
„Во тек е полициска истрага и, како што е вообичаено, не коментираме во детали прашања поврзани со оперативната безбедност. Честопати, колку повеќе откриваме, толку повеќе им ставаме на увид работи на оние што сакаат да ни наштетат и кои би го сториле тоа доколку им се укаже можност“,
изјавил Стритинг.
Инаку, на снимките објавени вчера може да се види како полицијата им става лисици на рацете на мажи без маици, на тесен пат. Според информациите, полицијата била повикана по пријава за три сомнителни комбиња кои се движеле кон воздухпловната база на РАФ кај Глостершир.
За време на полициската акција, жителите на 85 домаќинства во селото Велфорд (Whelford) во областа Котсволдс биле итно евакуирани во спортско-рекреативниот центар во Сиренчестер. Во меѓувреме белите комбиња бил поставен безбедносен кордон во радиус од 400 метри, додека роботи од армискиот тим за деминирање ги прегледувале возилата.
Во изјавата што ја прочитал претставник на Би-би-си, локалната жителка која ја повикала полицијата раскажала дека додека се враќала дома доцна по забава, во близина на својата фарма, забележала дека пристапниот и главниот пат се блокирани од три бели комбиња.
Мислејќи дека најверојатно станува збор за дел од безбедносните операции во базата „РАФ Ферфорд“, таа свртела со автомобилот, но потоа видела група мажи со качулки и и маски, кои побегнале штом ја забележале. Сомневајќи се дека нешто не е во ред, таа ја повикала полицијата, а потоа и итната служба (999).
„Мислам дека беше чиста среќа што пристигнав во селото во исто време со комбињата. Апсолутно сум шокирана што токму јас, како обичен граѓанин, морав да го забележам и пријавам ова… Воздухопловната база спроведуваше блокада на патот близу до влезот во базата, но не и на другите патишта. А ние претпоставувавме дека некој ќе ги надгледува патиштата околу периметарот на базата и ќе врши редовни патроли низ селото… Навистина сакам да нагласам дека изгледа оти некој сериозно потфрлил во оваа ситуација“,
се вели во изјавата на жената, дадена за Би-би-си.
