Шефицата на Основното јавно обвинителството Штип, Татјана Кацарова, вели дека истражителите веќе активно работат на предмети, а се очекува да бидат пополнети и преостанатите две места
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, кој присуствуваше на официјалното пуштање во функција на истражниот центар, рече дека тој особено ќе им користи на обвинителите при истрагите поврзани со финансиски и економски криминал
И Савески и Кацарова им се заблагодарија на донаторите – претставниците на Амбасадата на САД во земјава и на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, без чија поддршка, како што кажа државниот јавен обвинител, практично, е невозможно да се обезбеди во целосен капацитет оперативноста на истражните центри
По скопското, тетовското, кумановското, битолското и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, од денеска и Основното јавно обвинителство Штип има истражен центар кој треба да им биде десна рака на обвинителите во водењето на истрагите и собирањето докази.

Формалниот почетокот со работа на овој, шести истражен центар во државата во рамките на Јавното обвинителството, го означија републичкиот Јавен обвинител Ненад Савески и шефицата на Основното јавно обвинителство Штип, Татјана Кацарова.
Савески во изјава за медиумите рече дека истражниот центар веќе ги има започнато првите активности, а, како што напомена, тој особено ќе им користи на обвинителите при истрагите поврзани со финансиски и економски криминал.
Тој се осврна на важноста на истражните и наведе дека тие станале вистински јадра на истражната дејност на обвинителствата каде што функционираат.
„Директната континуирана комуникација меѓу јавните обвинители и истражителите во моментите кога постапуваат по предметите и прибавуваат докази, значително ја олеснува работата на јавните обвинителства. Истражните центри овозможуваат олеснето водење на финансиски истраги, а особено се ефикасни во постапувањето на предмети од, како што споменав, финансиски и економски криминал, затоа и нивната искористеност е премногу голема“,
рече Савески, пренесе МИА.
Во тој контекст, државниот јавен обвинител сподели и статистички податоци за работата на истражниот центар во Основното јавно обвинителство Скопје, кој, како што кажа, од јануари до август годинава презел вкупно 7 356 дејствија, во рамките на постапувањето по 2 325 предмети.
Како што посочи Савески, бројот на предмети по кои постапувал овој истражен центар е за околу 40 проценти поголем споредено со целокупниот број на предмети по кои се постапувало во 2025 година.
„Оваа статистика од ова обвинителство е практично поттикот што денес сме тука да отвориме истражен центар и во ова обвинителство. Важноста на истражните центри за самостојно постапување на обвинителствата ја препознаваат и нашите донатори, за чија континуирана поддршка, пред сè во опрема и обуки, сакам сега во оваа пригода да се заблагодарам. Дел од нив се претставниците на Амбасадата на САД и проектот ‘Поддршка на ЕУ за владеење на правото’, коишто се тука денес со нас. Без нивната помош, практично, е невозможно да се обезбеди во целосен капацитет оперативноста на истражните центри“,
рече шефот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Инаку, во Истражниот центар во Штип треба да работат четворица истражители, но во моментов нивниот број е само половина од предвидениот.
Шефицата на штипското основно јавно обвинителството вели дека истражителите веќе активно работат на предмети, а се очекува да бидат пополнети и преостанатите две места, за Истражниот центар да функционира во полн капацитет.
„Работата се одвива на сосема задоволително ниво, благодарение на целокупната организациска поставеност на самото обвинителство. Почнувајќи од мене како раководител, преку сите други вработени во обвинителството коишто сме во кохезија при работењето со истражителите. Истите ја имаат максималната техничка опременост благодарение на нашите донатори. Учествуваат максимално при анализа на предметите, анализа на кривичноправни настани, на примени поднесоци, даваат свои идеи, веднаш постапуваат и реагираат на нашите наредби за вршење увид, одземање документација, разговори со оштетени, со осомничени и сè она што им следува и што е пропишано со Законот за кривична постапка“,
изјави Кацарова.

Државниот јавен обвинител Савески додава дека до крајот на годинава им истекува законскиот мандат на поголем број истражители кои веќе три години работат во најголемите истражни центри во Јавното обвинителство. Како што најави тој, веќе се распишани интерни огласи за пополнување на овие места преку Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа.
„Ни требаат дваесетина квалитетни истражители на кои можеме да им ветиме средина во која навистина ќе можат да ги реализираат нивните капацитети, да ги искористат на најдобар можен начин во функција на правото и правдата. Посакувам овој истражен центар во ОЈО Штип да има исто така успешна работа во периодот којшто претстои, и за кратко време да се пофалиме и со значителни резултати“,
кажа републичкиот јавен обвинител.
