Според Агенцијата, најголем дел од операторите со храна што биле контролирани немале направено анализи на сладоледот и мразот што го продавале, дел несоодветно ги означувале производите, а кај некои инспекторите констатирале дека не ги исполнуваат хигиенските и техничките услови
Уништени 202 литри/килограми сладолед и мраз и изречени се 45 парични казни во вкупна вредност од 19 430 евра. Ова е билансот од вонредните контроли што инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) летово ги спровеле во објекти за производство на сладолед и мраз, но и угостителски објекти кои самите произведуваат и ставаат во промет вакви производи.

Како што соопштија денеска од Агенцијата, од почетокот на јули до крајот на август биле спроведени 560 контроли на вакви објекти, по кои инспекторите издале 140 решенија за утврдени неусогласености.
Според АХВ, при спроведените контроли било утврдено дека 17 оператори не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство, а 64 од операторите немале направено анализи на сладолед/мраз.
Кај 20 од контролираните оператори, Агенцијата утврдила несоодветно означување на производите, а три набавувале мраз од нерегистриран добавувач.
Дополнително, кај 10 оператори со храна биле затекнати вработени лица кои немале извршено задолжителни здравствени прегледи, додека незадоволителни хигиенски и технички услови биле утврдени кај пет од контролираните објекти.
Вонредните инспекциски надзори констатирале и дека 19 оператори немале воспоставени процедури на „добра производствена и добра хигиенска пракса“, како и процедури за чистење на ледоматите.
Незадоволителни технички и хигиенски услови имало во пет објекти, а записи за следливост немале четири од операторите.
Според соопштението од Агенцијата, само еден од контролираните оператори немал спроведено задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
