„Сите земји членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји-членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор“, рече европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент на првата сесија на Мешовиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија
Осврнувајќи се на Реформанската агенда, европратеникот посочи дека треба да се продолжи со унапредување на правосудниот систем и со измените во Кривичниот законик, со цел земјата да може да ги искористи средствата од европските механизми за поддршка
Борбата против корупцијата не е само услов за членство во Европската Унија (ЕУ), туку пред сè прашање на доверба на граѓаните во институциите и во правниот систем, кажа европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц на првата сесија на Мешовиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија во Собранието, која беше посветена токму на оваа тема.

Говорејќи во тој контекст, европратеникот посочи дека ниту една земја не е ослободена од коруптивни појави, но разликата е во начинот на кој институциите во секоја од нив реагираат и се справуваат со овој проблем.
„Сите земји членки на ЕУ се борат со корупција, ниту една членка не е совршена. Ние се бориме да го зајакнеме владеењето на правото, но има разлики и меѓу нас. Во разни земји-членки има различно ниво на корупција. И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е што многу богати луѓе лежат затвор“,
рече Вајц.
Тој како пример наведе корупциски скандал во Австрија, каде апсењето и притворањето на одговорниот за коруптивните дела веднаш влијаело на зголемување на довербата на граѓаните во институциите на системот.
„Луѓето видоа дека и еден од најбогатите во Австрија ќе излезе пред суд, дека може да биде приведен за тешко дело. Тој ги чинеше даночните обврзници милијарди. Апелирам дека не се работи само за исполнување на обврските кон ЕУ, туку се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот. Ако не можете да ги убедите граѓаните дека правдата постои за сите, тоа на луѓето им дава причина да заминат“,
кажа Вајц.
Во таа насока, европратеникот се осврна на иселувањето на младите, предупредувајќи дека тоа е една од најголемите пречки за развојот на државата, бидејќи со нивното заминување се губи дел од иднината на земјата. Рече дека разговарал со многу млади во земјава, кои се пожалиле дека доколку немаат врски и не се од соодветно семејство тешко дека ќе можат да го добијат посакуваното работно место.
„Без оглед дали е тоа вистина или не, самиот факт што младите ја имаат таа перцепција е голем двигател на одливот на мозоци. Како Австриец ќе кажам: ‘Што убаво, елате кај нас во Австрија, нас ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе!’ Но знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на Северна Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, заминува и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции“,
рече Вајц.
Осврнувајќи се на Реформанската агенда, европратеникот посочи дека треба да се продолжи со унапредување на правосудниот систем и со измените во Кривичниот законик, со цел земјата да може да ги искористи средствата од европските механизми за поддршка.
„Ако една држава не ги спроведе реформите на време, тие пари одат на соседните земји. Колку што сум информиран, имате реална шанса да добиете значителни дополнителни средства, можеби 70-80 милиони евра. Но, не се работи само за парите. Треба да им служите на граѓаните со систем кој не само што е ефикасен, туку и создава доверба кај населението. На крајот на краиштата, во државите и општествата клучно е дали граѓаните имаат доверба во системот“,
наведе Вајц.
Евроамбасадорот Михалис Рокас во своето излагање ја поздрави усогласеноста на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и нејзината активна улога како членка на НАТО.

Тој оцени дека има напредок во Реформската агенда и Планот за раст, но посочи дека за отворање на преговорите по кластерот „Темели“ потребни се дополнителни чекори.
„Наша политичка цел останува да се отворат преговорите за Кластерот ‘Темели’, штом се исполнат критериумите усвоени од Советот. И знаете дека тоа значи прво и пред сè внесување на Бугарите во Уставот. И потребна е поддршката на Собранието во тој поглед“,
рече Рокас.
Ирскиот амбасадор Брендан Вард, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, рече дека на проширувањето се гледа како на витална геостратешка инвестиција и ги повика политичките партии во земјава да работат на консензус за реформите потребни за напредок во пристапниот процес.
„Ќе завршам со тоа што ќе повторам дека со нетрпение очекуваме Северна Македонија да ги преземе дејствата што ќе овозможат понатамошен напредок во пристапувањето. Ги поттикнуваме сите партии во парламентот да работат на меѓупартиски консензус за да има заеднички фокус и да се преземат конкретните чекори потребни за напредок во процесот на пристапување“,
рече Вард.
