„360 степени“ ги истражуваше врските на дел од поддржаните организации со актуелни и поранешни функционери, но и што ветиле дека ќе реализираат со државните пари – од јазични работилници до поткасти за борба против корупцијата
Иван Стоилковиќ, како тогашен шеф на владиниот ресор што ги поделил 290-те илјади евра, тврди дека не можел да влијае врз изборот и дека ги потпишал најдобро рангираните проекти. Слични сомнежи за распределбата на парите за невладини го следеа и неговиот претходник во овој ресор Артан Груби
На 4 март Министерството за односи меѓу заедниците го објави годинашниот јавен повик за финансирање здруженија и фондации. Три месеци подоцна Владата ја потврди одлуката – кои организации ќе поделат околу 290 000 евра одвоени од потпрограмата за промоција на меѓуетничките односи.
Поддршка добија 36 организации. Овогодишниот процес почна и заврши во мандатот на тогашниот министер Иван Стоилковиќ.
„360 степени“, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара и доби документи за дел од поддржаните проекти. Проверивме кој стои зад организациите и какви точно активности ќе спроведуваaт со пари од државата.
Доколку се погледне годинашната листата на добитници на пари од Министерството за односи меѓу заедниците, не е изненадување што најголем број се од Скопје.
Од 36 поддржани организации, 20 се со седиште во главниот град. Но, впечатливо е тоа што втори и значително пред другите се организациите од Куманово. Тие добиле 5 проекти. За споредба, Битола има 3, Тетово и Струмица 2, а Кичево, Штип, Дебар и Делчево се со по 1 поддржана организација.
Куманово е родниот град на Иван Стоилковиќ, човекот што го предводеше Министерството за односи меѓу заедниците во моментот на распределбата. Тоа беше и повод подетално да ги разгледаме кумановските организации.
Еден од добитниците е медиско-информативниот центар СРБИ.МК, Куманово. Ова здружение е основано во 2024 година. Проектот им е насловен „Мостови на јазикот и културата“, а напишале дека целта на организацијата е зачувување, промоција и унапредување на српскиот јазик, култура и традиција, преку активно вклучување на младите. Дополнуваат дека тоа би го постигнале преку трибини, како и посети и работилници во 5 основни и средни училишта во Североисточниот плански регион, каде што се одвива настава на српски јазик.
„Резултатите и содржините од активностите ќе бидат објавувани на порталот на здружението што ќе овозможи поширока достапност, видливост и долгорочно влијание“,
се вели во предлог-проектот.
До затворањето на оваа сторија, такви објави не најдовме на посочениот портал.
„Поради технички проблеми и затоа што проектот е во полн ек, уште не сме ги објавиле активностите, што во најбрз рок ќе биде исправено и објавено, а доколку ви треба може да ви испратам слики. Апсолутно се трудиме целиот проект да биде најпрофесионално спроведен, за што сум уверена дека ќе го покаже завршниот извештај“,
вели Мерима Тушевска од МИЦ „Срби.мк“.

На сајтот немаат објавено ниту импресум, а од податоците достапни преку Централниот регистар видлива е е-маил адреса во која се споменува презимето Тричковиќ. Во историјатот на лица во здружението, до март годинава, како сопственик фигурирал Мирослав Тричковиќ. Станува збор за актуелниот директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците – орган со состав на Министерството од каде „Срби.мк“ добила парична поддршка. Го прашавме Тричковиќ, дали ова може да значи дека додека е директор истовремено преку „Срби.мк“ аплицира за проект од ресорното министерство и до кога точно бил активен таму?
„Апсолутно, под полна материјална и кривична одговорност, изјавувам дека во времето на споменатиот јавен повик не сум дел од споменатото здружение и дека немам потпишано никаква апликација или сум учествувал во истата“,
вели Тричковиќ.

КУД „Српски вез“ Куманово добиле 8 илјади евра за промоција на богатството на различности преку традиција и обичаи, а проектот се однесува на младите припадници на заедниците под 20% од општина Куманово и пошироко. Тој предвидува работилници за изработка на народни носии, сувенири и украси, како и запознавање со народни игри и музика на заедниците. Предвидени се и изложба и целовечерен концерт. Летово нивните простории во Куманово беа цел на вандалски напад. За случајот, видео објави токму министерот Стоиљковиќ, кој посочи дека просториите биле оштетени, а на ѕидовите биле испишани написи УЧК.
Дали и што од проектот реализирале, не може да се заклучи од нивните објави на Фејсбук, па ги прашавме.
„Дел од предвидените активности веќе се реализирани и соодветно медиумски проследени од страна на локалните медиуми. Дел од планираните активности се уште се во тек и ќе бидат реализирани во наредниот период. Завршната активност е планирана за 4 ноември 2026 година, при што и истата ќе биде медиумски проследена, со цел дополнителна промоција на проектот, неговите активности и постигнатите резултати“,
велат од КУД „Српски вез“ Куманово.

Барајќи низ јавно достапните податоци, наидовме на уште едно звучно име. До март 2025 година овластено лице во КУД „Српски вез“ бил актуелниот директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, а друштвото добило пари за проект од ресорното министерство и на ланскиот повик во јуни – само неколку месеци по неговото повлекување.
„По моето именување на јавна функција, беше потребно определено време КУД ‘Српски вез’ да најде соодветна замена и да спроведе соодветна постапка во рамките на здружението. Набргу потоа беше одржано Собрание на КУД ‘Српски вез’, на кое за нов претседател беше избран Марко Младеновски… Моето повлекување од функцијата во КУД ‘Српски вез’ беше резултат на потребата од раздвојување на јавната функција од ангажманот во здружението, а не на каков било мотив поврзан со финансиската поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците“,
вели Далибор Китановиќ – директор на Агенцијата за остварување на права на заедниците.

Веќе е завршен и проектот „Дигитална иднина за младите од Куманово“, чиј носител е Институт – Пулсот на демократијата. Предвидени биле обуки, стручна анализа, а во склоп на проектот се реализираа и поткасти.

Основач на организацијата е Енвер Саљихи, поранешен член на Државната изборна комисија од редовите на движењето БЕСА, кое сега е дел од владејачката ВЛЕН. Со оглед на поранешната функција, го прашавме Саљихи – дали неговата мината политичка кариера и поврзаноста со БЕСА, влијаела за неговото здружение да ги добие парите од државата?
„Проектот е целосно реализиран, со спроведени сите предвидени активности. Во рамките на главната активност, наместо планираните пет, реализиравме шест подкаст-епизоди. Во однос на мојот политички ангажман, сакам да истакнам дека по завршувањето на мојот мандат во ДИК во јануари 2021 година, целосно сум посветен на работата во невладиниот сектор и на докторските студии. Нашата посветеност и реализираните активности се видливи и преку објавите на нашите социјални медиуми“,
вели Салихи.
Не се од Куманово, но елементи за можна поврзаност со власта може да се препознае кај уште два проекта. „Прозбори да видам кој си“ – гласи насловот на проектот на Српска заедница во Македонија од Скопје. Целна група се ученици, a меѓу активностите се три летни работилници, уште две посветени на делата на Бранислав Нушиќ и Иво Андриќ, како и часови за убаво говорење српски. Наведена е и подготовка на дигитално ученичкo списание на српски јазик. На нивната Фејсбук страна, изминативе месеци многу малку се зборува за нивните проектни активности, но редовно објавуваат политички коментари.
Летово, порталот „expres.mk“ објави став на нивниот Регионален одбор – Куманово, во кој претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го нарекоа „политичка бљувотино“, „духовен изроду“ и слично. Реакцијата се должеше на прозивките на СДСМ дека Стоилковиќ ги брани руските интереси во земја членка на НАТО. Преписката предизвика реакции од опозициските партии од Србија – дека ставот на здружението, не е став на српскиот народ туку обид да се заштити позицијата на Стоилковиќ. Возврати претседателката на невладината, Гордана Јовиќ Стојковска.
„Иван Стоилковиќ не би бил тоа што е, и каде што е, доколку не го поддржува огромен број Срби во Македонија. Српската заедница во Македонија во потполност стои зад споменатото обраќање, вклучувајќи го и неговиот тон“,
напиша Јовиќ-Сојковска.
Ги прашавме дали и што од проектот реализирале и дали политичкото фаворизирање на Стоилковиќ од нивна страна имало удел да го добијат проектот? Стапивме во контакт, но на крај официјален одговор не добивме.
Само поткасти се предвидени и со проектот на Младинскиот форум за соработка Скопје. Во проектот се вели дека се работи за оригинален концепт-поткаст на искусни борци против корупцијата, авторот на проектот Оливер Ромевски и актерот Сашо Тасевски.
„Во моментот на аплицирање го имаме можеби најпогодниот и најдобриот политички момент за борба против корупцијата. Ниту една Влада не дала таков силен демократски импулс на себеодговорност и самокритичност, но и директна и недвосмислена заложба да се расчисти со корупцијата како најголемо зло на македонското општество“,
се вели во нивниот предлог-проект.

Поткастите се реализираат со предвидената динамика. На нив пишува кој ги поддржува. Ромевски е поранешен директор на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). На позицијата дојде како кадар на ГРОМ на Стевчо Јакимовски, тогаш во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Но, има богато искуство и во невладиниот сектор. Со оглед на тоа што смета дека никој не се заложил против корупцијата како актуелната власт, како што впрочем навел во предлог-проектот, го прашавме колку политичката преференција играла улога за добивање на поддршката? Тој вели – никаква.
„Ако се има предвид дека Здружението Младински форум за соработка постои од 2001 година, дека досега има реализирано 28 проекти, дека било финансирано од ЕУ, менаџирано од Светска банка, дека сите ревизии и контроли покажуваат беспрекорна работа, дека досега реализирало пет проекти во кои главна точка била борбата со корупцијата, дека добила благодарница од УСАИД и дека на крајот на краиштата со бодувањето од комисијата на Министерството сме биле 27 од 30 одобрени, значи вашево прашање е беспредметно! А дали Владата дала силен демократски импулс, самокритичност и недвосмислена заложба, членовите на Младински форум за соработка кои го пишуваа и осмислија проектот повторно велат апсолутно ДА, што од друга страна не значи дека во рамките на подкастот не ја критикуваме истата таа Влада и нејзини членови за одредени пропусти, недоследности, и потенцијална корупција на удар, која се обелоденува од нашите гости. Никој не е поштеден!“,
ни одговори Ромевски.
Како токму овие и останатите, вкупно 36 невладини, добиле поддршка? Го прашавме и Иван Стоилковиќ, кој во време кога се распределени средствата беше на чело на Министерството за односи меѓу заедниците. Сега, тој е министер за локална самоуправа.
„Во врска со јавниот повик за финансирање на здруженија и фондации за 2026 година нагласувам дека одлуката за распределба на средствата одеше преку Комисија составена од претставници на седум министерства и невладиниот сектор во рамки на Владата (Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество) Тие ја прават елиминацијата, а кај ресорниот министер доаѓаат збирните оценки по што јас ставив потпис на најдобро рангираните, што значи дека не би можел да влијаам врз одлучувањето“,
вели Стоилковиќ.

Во однос на фактот дека на листата има 5 здруженија со српски предзнак, тој вели:
„Српски здруженија не се единствените кои добиле финансиска поддршка, ниту се во толкав број како што се споменува во јавноста. Во однос на останатите кои делуваат во различни области, погледнете ги проектите и повикот и проценете како добиле поддршка“,
додава тој.
Има и други основи поради кои листата на добитници е податлива за анализа.
На пример, како што пишува и во владината одлуката, парите се одвојуваат од потпрограмата 11 – за промоција на меѓуетничките односи. А, меѓу проектите, има такви кои според описот немаат ништо заедничко со односите меѓу заедниците. На пример, на здружението „Златни ангели“ му се доделени пари за терапевтски кревет, фотелја за масажа за деца со церебрална парализа, како и терапевтски и едукативни сесии и групни активности. Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ пак, добило средства за развој на културата на дарување органи и трансплантација. Сепак, меѓу приоритетните цели наведени со повикот за финансиска поддршка, покрај еднаквост и недискриминација, наведена се и активности како – подобрување на социјалната кохезија и градење на инклузивно општество.
„Ова прашање нè враќа на бојкотот на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации, односно во 2022 година се одлучи – тогашната Влада одлучи – да ги прекине средствата коишто се доделуваат од Генералниот секретаријат и да ги однесе во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. И тогаш без, нели, консултации, без доволно добра аргументација зошто средства коишто повеќе од десет години се доделуваат од Генералниот секретаријат се префрлаат во многу специјализирано министерство поврзано со унапредување на етничките заедници во Македонија“,
потсетува Александра Савевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Со министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, тогаш, раководеше Артан Груби. Во негово време, медиумите открија дека пари од програмата добивале и невладини организации основани од луѓе блиски на ДУИ, именувани или вработени во државни и локални институции.

Советот за соработка на Владата со граѓанските организации тогаш ја бојкотираше неговата работа при распределбата на средства, а се врати на маса лани. Но, спротивно на она што го тврди Стоилковиќ, од МЦМС велат дека Советот годинава повторно не учествувал во процесот.
„Оваа година Министерството за односи со заедниците испратило допис до Советот каде што ги информира дека ќе се спроведе повик на почеток на годината и дека ќе има јавен конкурс, оставило простор за коментирање на овие приоритети коишто ги утврдиле во програмата за финансирање и побарале Советот да се вклучи како активен член во Комисијата за оценување со право на глас. Меѓутоа, водени од искуството 2025, Советот донесува одлука дека нема да поддржат про-форма процес којшто нема да ги запази процесите за транспарентно и отчетно доделување средства, туку побарале да има само набљудувачка улога. На тоа барање Министерството за односи со заедниците не одговорило и знаеме дека го спроведе процесот без нивно вклучување. Воопшто не учествувале“,
вели Савевска од МЦМС, организација што има свој претставник во Советот.
Сите здруженија кои добиле пари се обврзани да поднесат завршни извештаи со опис на активностите и динамиката со која се случувале, како и оценка за постигнатите резултати.
