Од СДСМ се повикуваат на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA), каде, како што велат, во регистарот под број 6170 е наведено дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје, чиј сопственик е извесен Шефшет Демировски, ја финансира американската куќа „Mercury Public Affairs“. Договорот, како што рече портпаролката Богданка Кузеска, е во текот на 2026 и 2027 година и предвидува месечен надомест од 130 000 долари, што годишно е околу 1,56 милиони долари
Портпаролката на опозицискиот СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција обвини дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје, чија дејност е производство на муниција, шлемови и балистичка опрема, ѝ плаќа околу 130 000 долари месечно на американската лобистичка компанија „Mercury Public Affairs“ за промовирање на теми кои се претставуваат како стратешки државни приоритети на Македонија во САД.

Кузеска се повика на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA), каде, како што рече, во регистарот под број 6170 е наведено дека приватната фирма „АТС груп“ од Скопје, чиј сопственик е извесен Шефшет Демировски, ја финансира американската куќа „Mercury Public Affairs“. Договорот, како што рече Кузеска на денешната прес-конференција, е во текот на 2026 и 2027 година и предвидува месечен надомест од 130 000 долари, што годишно е околу 1,56 милиони долари.

Според документацијата на која се повикува СДСМ, на 2 април годинава „Mercury Public Affairs“ предала материјал со наслов „Стратешко партнерство САД – Северна Македонија“ во кој биле опфатени теми како нула царини, американски гас, инвестиции во американскиот ИТ-сектор, пристап за американска одбрана и енергетски проекти.
Од СДСМ го поврзуваат ангажманот на компанијата со антимонот и проектот кај Крстов Дол.
„Ова е мега скандал. Што бара таа фирма? Пазар за наоружување и опрема. Што е антимон? Метал што влегува во воена индустрија – тврди легури, муниција, заштита. Пет милиони долари грант за развој на антимон кај Крстов Дол, Луке, Крива Паланка, Мицкоски го продаде како успех од Америка. За Гета фрлија 5,53 милиони евра народни. Земјата евтина. Концертот скап. Јаловината останува во почва и вода. Затоа ова е многу едноставно. Кога немаш официјален термин, одиш каде што лобистот отвора врата: хотелски фоаје, ходник, 42 секунди, слика од страна. Потоа дома тоа го викаш средба на ултра високо ниво. Заштита на идентитетот. Стратешко партнерство“,
рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ.
Кузеска обвини дека за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД од 15 до 22 септември не постои ниту една објава на сајтовите на официјален Вашигнтон за состаноци со државниот секретар Марко Рубио, со заменикот Кристофер Ландау или со кој било друг висок функционер на администрацијата на САД, а дека дел од контактите биле претставувани како повисоко ниво на официјални средби отколку што се.
„Ако Вашингтон не го запишал, тоа не е државна средба, туку неформален контакт. Ако истиот човек дома го продава како самит, тоа е лага. Ако истиот месец приватна фирма плаќа лоби за неговата агенда, тоа не е случајност. Тоа е метод. Педесет души на народен грб. Приватна фирма плаќа врата. Премиерот се слика во ходник. Антимонот влегува како ‘почеток’. Народот не се прашува. Провизијата се знае кај него. Ризикот останува кај нас: вода, почва, сметка. Ова мириса на корупција и мора да се истражи!“,
додаде Кузеска.
Партијата бара истрага и јавно објавување на целата документација во врска со случајот.
