„Недоволниот број инспектори и тенденцијата на нивно намалување влијаат врз можноста за исполнување на планираните контролни активности и законските надлежности“, се вели во извештајот на ревизорите
ДЗР предупредува дека е неизвесно дали контролите на небезбедни производи ќе продолжат по завршувањето на проектите, поради ограничените средства во буџетот на ДПИ за нивно континуирано испитување во лаборатории во странство

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ДПИ за 2024 година, како и мислење со резерва за усогласеноста на работењето со законската регулатива. Клучните проблеми се недоволниот кадар, закочената дигитализација, финансиските пропусти и неизвесноста за идните контроли на небезбедни производи.
Според извештајот на ДЗР, во 2024 година биле реализирани 28 263 инспекциски надзори од кои 21 108 редовни, 5 106 вонредни и 2 049 контролни. Овие контроли биле спроведени од само 148 инспектори, што претставува 47 отсто од вкупно 313 систематизирани инспекторски работни места.
„Недоволниот број инспектори и тенденцијата на нивно намалување влијаат врз можноста за исполнување на планираните контролни активности и законските надлежности“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Дополнителен проблем е што пет одделенија немаат раководители. Во Одделението за безбедност на производи, од предвидени 14 работни места, биле пополнети само пет.
Ревизорите нотираат и неправилности при кадровските ротации. Во периодот јануари-октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување административци на инспекторски места без обезбеден буџет и без план, поради што во декември истата година 17 од овие решенија биле поништени.
„Е-инспектор“ не функционира целосно, нема база за проценка на ризик
Апликацијата „Е-инспектор“ сè уште не е ставена во целосна употреба, ниту, пак, се воспоставени потребните електронски регистри. Инспекторатот не располага со единствена база на податоци со методологија за проценка на ризик, што директно го отежнува планирањето и следењето на инспекциските надзори. Воедно, евиденцијата за документи од контролите е нецелосна, а листите за проверка не се ажурираат редовно.
Контролата на небезбедни производи под прашање
Во периодот од 2022 до 2025 година, од пазарот биле повлечени 40 небезбедни производи врз основа на лабораториски испитувања. Овие анализи се правеле во странски акредитирани лаборатории, а средствата биле обезбедени преку странски донации и проекти (GIZ, EU4Business, Regio Trade, со IT-поддршка од ЦЕФТА).
ДЗР предупредува дека е неизвесно дали овие контроли ќе продолжат по завршувањето на проектите, поради ограничените средства во буџетот на ДПИ за континуирано испитување на небезбедни производи во лаборатории во странство.
Ризик при чување на одземената стока
Ревизијата утврдила и низа финансиски и материјални пропусти.
При пописот не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства, а за утврдените кусоци и вишоци немало предлози за постапување.
„За украдената опрема во текот на 2025 година не е приложена документација од надлежен орган за потврда на настанот“,
велат ревизорите.
Во февруари 2025 година бил предвиден вонреден попис на средствата, кој не бил спроведен до денот на ревизијата.
Канцелариски материјали во вредност од 1,1 милион денари, инспекциски обрасци од 791 илјада денари и автомобилски гуми од 249 илјади денари воопшто не биле заведени во материјалната евиденција.
Ревизорите утврдиле и дека ДПИ нема соодветни објекти за чување на конфискуваната стока до нејзиното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот, што создава ризик од оштетување, губење или субјективно постапување со предмети.
Со најновите законски измени, ДПИ го загуби својството на правно лице и сопствената буџетска сметка, преминувајќи како орган во состав на Министерството за економија и труд.
ДЗР потсетува дека ова е во спротивност со препораките на Европската комисија од 2025 година, кои бараат оперативна независност на ДПИ, зајакнување на персоналот и целосна дигитализација.
Државниот завод за ревизија има издадено препораки за пополнување на инспекторските места, задолжително воспоставување на информацискиот систем, обезбедување сопствен буџет за лабораториски анализи и итно средување на сметководствената и материјалната евиденција.
