Некои пратеници од Републиканската партија, раководители од индустријата за преработка на нафта, па дури и некои функционери од администрацијата, сè уште се обидуваат да го убедат претседателот Доналд Трамп дека забраната би била лоша идеја – потег што би можел да има контраефект преку евентуално зголемување на цените на бензинот, горивото за авиони и другите видови гориво

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува план за 90-дневна забрана за извоз на дизел, и покрај противењето на нафтената индустрија и поделбите во владата. Пет извори запознаени со дискусиите потврдиле за „Политико“ дека целта на мерката е да се намалат цените на горивата пред изборите за Конгресот.
Според пишувањата на „Политико“, правната рамка за забраната сè уште се разработува, а американските производители на гориво се спротивставуваат на одлуката. Тие предупредуваат дека краткорочната придобивка ќе биде поништена од последователно, уште поголемо зголемување на цените. Доколку се прекинат испораките, тоа ќе биде првото ограничување на извозот на енергија од САД откако администрацијата на Обама ја укина децениската забрана за извоз на сурова нафта во 2015 година.
Сепак, војната што администрацијата на Трамп ја започна против Иран во февруари, како и нападите на Украина врз руските рафинерии, ги зголемија цените на дизелот до рекордни нивоа и ги поттикнаа Републиканците од земјоделските држави да побараат воведување на забраната. Според податоците на Американската автомобилска асоцијација (AAA), просечната цена за галон дизел во средата изнесувала 6,52 долари, што претставува зголемување за 91 цент во однос на пред еден месец и за 2,83 долари во однос на минатата година.
Некои пратеници од Републиканската партија, раководители од индустријата за преработка на нафта, па дури и некои функционери од администрацијата, сè уште се обидуваат да го убедат претседателот Доналд Трамп дека забраната би била лоша идеја – потег што би можел да има контраефект преку евентуално зголемување на цените на бензинот, горивото за авиони и другите видови гориво, изјавиле лица запознаени со дискусиите, кои сакале да останат анонимни поради чувствителноста на интерните комуникации во Белата куќа.
Но, бидејќи високите цени на енергенсите продолжуваат да им создаваат проблеми на републиканските кандидати пред изборите што се одржуваат за помалку од седум недели, Трамп е склон да ја објави забраната до крајот на неделата и евентуалните негативни последици да ги третира како „проблем за декември“, изјавил еден раководител од нафтената индустрија кој разговарал за забраната со високи функционери на Белата куќа.
„Она што надвладеа над поразумните гласови во Белата куќа е фракцијата водена од паника и чувство на итност – ставот дека ’ситуацијата е критична и мораме да преземеме нешто‘ во врска со цените на пумпите. Тој табор беше потиснат од политичкиот табор, кој вели: ’по ѓаволите, мора нешто да се преземе‘“,
рекол изворот.
Портпаролите на Белата куќа и на Министерството за енергетика не одговориле веднаш на конкретните прашања на „Политико“, а функционер од Белата куќа изјавил дека станува збор за уште една лажна вест од медиумот.
Забраната во траење од 90 дена би можела краткорочно да доведе до пад на цените на дизелот во некои региони на САД, бидејќи танкерите со гориво, првично наменети за Европа или Азија, би се пренасочиле назад кон американскиот систем за снабдување, зголемувајќи ја домашната понуда. Сепак, рафинериите на крајот би го намалиле производството како одговор на загубата на важен извозен пазар, што би предизвикало раст на цените.
Министерот за енергетика Крис Рајт, министерот за финансии Скот Бесент и министерот за внатрешни работи Даг Бургум се спротивставиле на идејата за целосна забрана, изјавија лица запознаени со внатрешните дискусии.
Во вторникот вечерта, Рајт остварил низа повици до извршни директори од енергетскиот сектор, информирајќи ги дека во наредните денови веројатно ќе биде воведена 90-дневна забрана, според еден од енергетските советници на Трамп, кој зборувал под услов да остане анонимен за да избегне последици. Голем број извршни директори веднаш почнале да се јавуваат во Белата куќа за да се спротивстават на забраната, рече советникот, предупредувајќи дека „ситуацијата е многу променлива, па работите може да се сменат“.
Друг претставник од индустријата изјавил дека конечната одлука може да зависи од тоа кој ќе биде „последната личност во просторијата“ со Трамп во моментот на одлучувањето.
Надворешен советник на администрацијата изјави дека во последните денови добиле „многу вознемирувачки барања“ за изнаоѓање алтернативи на забраната. Тие стравувале дека администрацијата постојано ќе ја продолжува забраната и ќе воспостави преседан за владина интервенција на енергетските пазари – практика што би можеле да ја искористат и демократите.
Ваквиот потег би дошол во момент кога земјите ширум светот стануваат сè позависни од американскиот дизел. Војната што САД и Израел ја започнаа против Иран во февруари доведе до оштетување на рафинериите на Блискиот Исток и намалено производство на нафта во регионот, додека Украина ги напаѓа руските рафинерии во обид да се одбрани од инвазијата на Москва.
„Забраната за извоз на дизел од страна на САД би ги влошила постоечките сериозни притисоци на глобалниот пазар на дизел и би ги зголемила цените надвор од САД уште повеќе на краток рок“,
изјави Дејвид Оксли, главен економист за клима и суровини во „Capital Economics“, во својата анализа.
Сепак, додава тој, со оглед на тоа што вишокот на дизел во САД парадоксално би можел да ги принуди американските рафинерии да го намалат снабдувањето со нафтени деривати – потенцијално во рок од неколку недели – таквата забрана на крајот би била контрапродуктивна.
