Во моментов, како што кажа, има 12 хоспитализирани пациенти, од кои тројца се на интензивна нега и на кислородна поддршка
Од 19 септември нема нови случаи на хоспитализации со западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски.

Во моментов, како што кажа, има 12 хоспитализирани пациенти, од кои тројца се на интензивна нега и на кислородна поддршкја.
„Меѓу нив е и пациентот кој одамна е хоспитализиран и неговата здравствена состојба е неизвесна“,
рече министерот.
Посочи дека без или со епидемија ги преземаат истите мерки, односно истиот сет на активности кои продолжуваат, како дезинсекција во местото на живеење на пациентите кај кои е потврден вирусот.
Во меѓувреме, додаде дека е завршено последното прскање во Скопје, а кога ќе се сумираат резултатите од контролата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат околу прскањето, ќе ги презентираат пред јавноста.
„Имаме општини каде воопшто не е прскано и нема ниту еден случај. Има општини кои се меѓу трите каде има најмногу прскања и има случаи со западнонилска треска. Општините кои се во Повардарието треба да бидат попретпазливи“,
вели министерот.
Според него, треба да се споредат и искуствата од земјава и во Грција.
„Во еден разумен период од три до пет години треба да го напуштиме аеропрскањето и да преминеме комплетно на прскање од земја. Периодот е неопходен бидејќи треба да се подготви механизацијата за тој тип работа. Има уште неколку искуства од Грција кои се добри да се применат. Работиме на нив со Центарот за јавно здравје, со Институтот за јавно здравје“,
кажа Клековски.
Според него, треба да се засилат и одредени казнени мерки за општините кои не постапуваат по елаборатите што им се одобрени од Центрите за јавно здравје.
Пред два дена директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, соопшти дека почина уште едно лице од западнонилска треска, кој е деветтиот смртен случај од почетокот на активноста на вирусот.
