Според иницијативата, институциите мора да утврдат кои мерки за заштита и превенција не се испочитувани, оти од местото на пожарот се издигнал густ и црн чад
Оттаму сметаат дека оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална и кривична одговорност
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) бара Јавното обвинителство да отвори истрага за загадување на животната средина по вчерашниот пожар во деловни простории сместени во кругот на поранешната фабрика „Железара“ во Скопје.
Дополнително, бараат Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да спроведе итен вонреден надзор на местото на пожарот бидејќи сметаат дека на граѓаните им е загрозено основното уставно право на здрава животна средина.

„Црн густ чад од комплексот ‘Железара‘ стигна дури до Ново Лисиче. Овој голем пожар го изложи Скопје на сериозно аерозагадување и токсични честички“,
се вели во соопштението од иницијативата објавено на Фејсбук.
Според „Зелен хуман град“, институциите мора да утврдат кои мерки за заштита и превенција не се испочитувани, оти од местото на пожарот се издигнал густ и црн чад.
„Огромен црн чад од управна зграда не смее да има. Што се случувало таму? Бараме одговори што изгорело таму и во колкава количина. Од каде сиот тој црн чад налик на оној со електронскиот отпад во Трубарево?“,
прашуваат оттаму.
Очигледно, според иницијативата, е дека постоечките механизми не се применуваат или воопшто ништо не превенирале.
„Затоа бараме целосна одговорност од сопствениците, како и ажурност и транспарентност од надлежните инспекторати. Ние граѓаните имаме право на чист воздух и здрава животна средина согласно член 43 од Уставот“,
се додава во реакцијата на ЗХГ.
Од граѓанската иницијатива сметаат дека оваа хаварија не смее да се заташка и да остане без институционална и кривична одговорност.
Вчера околу 17 часот избувна пожар во деловни простории сместени во кругот на поранешната фабрика „Железара“ во Скопје. Густ црн чад се гледаше од повеќе локации на Скопје.
Од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје на терен интервенирале 20 пожарникари со девет противпожарни возила.
Командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, во изјава за „360 степени“ рече дека пожарот за кратко време бил локализиран.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека пожарот избувнал во магацин за бои и лакови на булеварот „Александар Македонски“ број 67.
