Зборуваше и за војната во Украина, при што наведе дека САД тесно соработуваат со лидерите на Русија и Украина
Трамп во говорот се осврна и на вештачката интелигенција, за која употреби термин „суперинтелигенција“, но дека со неа мора да бидеме внимателни
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одржа опсежен говор пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, во кој се осврна на војната во Украина, Иран, Газа, а зборуваше и за состојбата во Куба, Гренланд, за вештачката интелигенција и односот на САД кон Обединетите нации, пренесуваат светските медиуми.

Трамп обраќањето го започна со тврдење дека, додека другите светски лидери зборуваат за мир, тој е лидер кој склучил мир.
Во однос на Иран, Трамп изјави дека е пред голема одлука дали да го уништи Иран или да постигне договор што би му овозможил на Техеран да ја обнови земјата и да стане „многу поголема земја отколку што некогаш била“.
„Верувам дека ќе склучиме договор веднаш по изборите бидејќи нема смисла тие да не го сторат тоа“,
рече тој.
Ги повика сите држави да им се приклучат на САД во целосна економска изолација на Иран, сè додека Техеран не престане со нападите врз комерцијалните бродови, не се откаже од развојот на нуклеарната програма и не ја прекине поддршката за тероризмот.
Истовремено, Трамп ги отфрли тврдењата дека САД имаат недостиг од муниција, и покрај неодамнешниот извештај на официјалното контролно тело на Пентагон во кој се укажува на исцрпување на одредени американски резерви на муниција за време на војната со Иран.
Трамп зборуваше и за војната во Украина, при што наведе дека САД тесно соработуваат со лидерите на Русија и Украина.
„На двете страни им е преку глава од оваа војна. Мислам дека ќе го завршиме тоа побрзо отколку што луѓето мислат“,
вели Трамп.
Не даде дополнителни детали за тоа врз што го темели својот оптимизам, во услови кога Русија и Украина и натаму разменуваат ракетни и беспилотни напади.
Во врска со Газа, Трамп му се заблагодари на Советот за безбедност на ОН за, како што рече, едногласната поддршка на американскиот мировен план од 20 точки и за одобрувањето на формирањето на Мировниот одбор. Наведе дека речиси 30 земји се приклучиле кон одборот.
Трамп во говорот се осврна и на вештачката интелигенција, за која употреби термин „суперинтелигенција“.
„Употребата на зборот ‘вештачка‘ прави таа да звучи лажно. Таа не е лажна, всушност е неверојатна. Но, мораме да бидеме внимателни“,
вели американскиот претседател.
Зборувајќи за Куба, американскиот претседател изјави дека комунистичката влада на земјата ќе падне. За време на неговите изјави, кубанската делегација стана и ја напушти салата.
Трамп во говорот најави и дека САД веднаш ќе го започнат процесот на воспоставување големо воено присуство на Гренланд, вклучително и две многу големи воени бази.
Посочи дека неодамна постигнатиот договор со Данска и Гренланд на САД им дава трајна контрола врз безбедноста на островот.
Американскиот претседател повторно ги критикуваше и Обединетите нации, обвинувајќи ги дека наметнуваат радикална левичарска агенда.
Сепак, тој истакна дека САД продолжуваат да соработуваат со ОН во повеќе области, меѓу кои безбедноста во Хаити, како и напорите поврзани со Газа.
Трамп упати и пораки за односот на САД кон ОН, иако Вашингтон продолжува да соработува со организацијата во одделни меѓународни иницијативи и преку Советот за безбедност.
