При претресите, во соопштението од ОЈО ГОКК се вели дека се запленети големи количини инсулин, антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, антикоагуланси, бензодиазепини, како и лекови за третман на дијабетес, срцеви, ревматолошки, психо-невролошки и дишни заболувања

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против осум лица, по кривична пријава поднесена од МВР. Групата е осомничена за тешки кривични дела, меѓу кои криумчарење, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, давање поткуп, како и перење пари.
Доказите за акцијата биле обезбедени со анализа на мобилниот телефон на првоосомничениот, одземен при претрес уште во јануари годинава кога во неговиот дом биле пронајдени поголеми количини цигари, како и 30 000 канадски долари, 35 000 австралиски долари, 12 950 евра и 69 000 денари.
Според истрагата, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот внесувал непријавени цигари преку границата избегнувајќи ја царинската контрола.
Осомничен царински службеник го информирал првоосомничениот за своите смени, засилените контроли и лентите на кои бил распореден, овозможувајќи му слободен премин.
„Постои основано сомнение дека првоосомничениот му ветил парични средства на осомничениот царински службеник за да не изврши царинска контрола на возило во кое се пренесувале цигари. Царинскиот службеник го прифатил ветувањето и го пропуштил возилото без контрола, а во предавањето на парите посредувал шестоосомничениот, турски државјанин“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Криумчарените цигари без акцизни марки биле пуштани во промет низ земјава преку соработници кои свесно ги препродавале.
Истрагата открива и дека дел од групата неовластено увезувала, складирала и продавала лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата.
При претресите, во соопштението од ОЈО ГОКК се вели дека се запленети големи количини инсулин, антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, антикоагуланси, бензодиазепини, како и лекови за третман на дијабетес, срцеви, ревматолошки, психо-невролошки и дишни заболувања.
Пронајдени биле и „KAMAGRA oral jelly“, кој инаку се издава со рецепт, како и разни гелови, пасти, чоколади и таблети за подобрување на сексуалната функција.
Со криминалните активности е нанесена штета на државниот буџет по основ на неплатени царини, акцизи и ДДВ.
Од Обвинителството велат дека на првоосомничениот му се става на товар и перење пари и други приноси од казниво дело, бидејќи постои основано сомнение дека ги прикривал паричните средства стекнати со криминалните активности со цел да го сокрие нивното потекло.
При вчерашните претреси кај него, во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле откриени 86 200 евра и 16 златни плочки. Во неговото возило се пронајдени уште 6 465 евра и 62 000 денари.
При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други стоки за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење. Од ОЈО ГОКК велат дека сите пронајдени предмети и парични средства кои се од значење за постапката се одземени и ќе бидат предмет на понатамошно вештачење и анализа.
Обвинителството побара мерка притвор за тројца од осомничените, додека за тројца се предложени мерки на претпазливост. Двајца членови на групата во моментот се недостапни за органите на прогонот.
За случајот, за кој во медиумите се информира уште од вчера, денеска со соопштение излегоа и од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде велат дека врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Во акцијата, додаваат од МВР, приведени се шест лица, а при претресите се пронајдени и одземени над 100 000 евра, 16 плочки во златна боја, цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети.
Од МВР велат дека до ОЈО ГОКК поднеле кривична пријава против осум лица – М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46) од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, Б. А. К. (34) и С. С. (42), двајцата од Република Турција, за повеќе кривични дела.
